Што значи „Договорно производство“?

Вести Полјоделство Совети

Договорното производство може да се дефинира како земјоделско производство водено според договорот помеѓу купувачот и фармерот, односно производителот, преку кој се воспоставуваат одредени услови за производство и продажба на одреден производ или производи.

Најчесто, фармерот се сложува да произведе и предаде одредени договорени количини од одреден специфичен производ. Притоа, фармерот треба при производството да задоволи одредени стандарди на квалитет кои ги дефинира набавувачот и да го запази времето на испорака на производот побарано од нарачателот. За возврат, купувачот се обврзува да го откупи производот, а во некои случаи и да го поддржи производството на фармерот. Тоа може да го стори, на пример, преку набавка на репроматеријали за производство, преку подготовка на земјиштето каде ќе се одгледува културата или преку давање на техничка поддршка (совети) во процесот на производство.

Типични активности или услуги кои се опфатени со договорното производство се:

» Давање на репроматеријали или заеми од страна на откупувачите

» Давање на советодавни услуги

» Обезбедување на материјали за пакување

» Транспортни услуги

» Орање

» Заштита на растенијата, и др.

 

Кој има корист од договорното производство?

Двете страни вклучени во договорното производство можат да имаат корист. И фармерите и купувачите на производството. Преку договорното производство фармерите имаат загарантиран пазар и намалени ризици околу неизвесноста на продажбата преку договорени цени, а во некои случаи и преку поддршката од купувачот во набавка на репроматеријали, како што се семиња, ѓубрива или заштита, како и советодавни услуги.

Фирмите-купувачи пак, имаат корист со тоа што добиваат сигурна набавка на, за нив потребните, земјоделски производи кои воедно ќе ги задоволат нивните специфични потреби во смисла на квантитет, квалитет и време на испорака.

 

Некои од главните придобивки

 

За фирмите – купувачи    

» Намалени капитални инвестиции (земја, инфраструктура, опрема итн)

» За фирми преработувачи – зајакната контрола (за видот на производот, квалитетот, времето, безбедноста на храната, следливост на производството и сл.)

» Потенцијал за подобрување на квалитетот на производот

» Зголемена флексибилност за нови пазарни сегменти со специфични потреби (саеми, органско производство итн.)

» Дизервификација на производните ризици (пр. Болести) преку помали, географски различни производни области

» Поголема флексибилност за одговор на пазарните сигнали

» Намалени трошоци за работна снага

» Подобри односи со јавниот и владиниот сектор

» Потенцијал за подобра трансакциска ефикасност и намалени трошоци за набавка преку директни врски со добавувачите

 

 За фармерите

» Подобар пристап до заеми, набавка на репроматеријали или директно обезбедување од страна на купувачот

» Гарантиран пристап до нови пазари (преработувачки, извозни, или специфични)

» Подобар пристап до советодавни услуги и техничка помош

» Подобар пристап до нови технички и менаџерски вештини

» Подобар пристап до информации и видливост на пазарот

» Намалени фиксни (опрема) и варијабилни трошоци (репроматеријали, транспорт)

» Повисок приход заради зголемен принос или премии за квалитетно производство

» Потенцијал за повисоки цени за директна продажба со купувачите

 

Дали договорното производство се препорачува за сите видови на земјоделски производи?

Во принцип, нема ограничување кои производи можат да бидат предмет на договорното производство. Постојат безброј успешни примери на договорно производство од скоро сите видови на производство на земјоделски култури и сточарски производи.

Исто така, постојат успешни примери на договорно производство и во шумарството, рибарството, тутунопроизводството итн. Но, иако применливоста е релативно општа, сепак, најуспешните шеми се поврзани со земјоделски производи кои имаат поголема вредност, наменети за преработка во различни видови на храна, а притоа уште се наменети за извоз.

Оние производи за кои има висока побарувачка на локалниот, односно домашниот пазар, можат да бидат подложни на продажба на „страна“ и тоа може да ги направи помалку прикладни за договорно производство. Постојат различни модели или типови на договорното производство.

Некои од нив се применливи за одредено географско подрачје, некои зависат од инволвираноста на откупувачот во процесот, некои се разликуваат по вклученоста на други организации и посредници во процесот (локални и државни) , некои модели се неформални и фокусирани само на сезонско производство во помал обем, но има и модели во кои се вклучени посредници, како на пример откупувачи, земјоделски задруги, групи на производители, непрофитни организации и слично.

Во зависност од состојбите на локално и регионално ниво, од видот на производот, од организираноста на фармерите во групи и сл.,моделите можат да бидат најразлични и прилагодени кон потребите на учесниците.

Во секој случај, економскиот интерес е основниот двигател на договорното производство.

Во моментов актуелна е кампањата за „Договорно производство на СОНЧОГЛЕД“.

Од неодамна се појави иницијатива од страна на директорот на Комбинатот „Благој Ѓорев“- Велес, Горанчо Лазов,  за зголемување на површините под сончоглед преку договорно производство со што земјоделците ќе добиваат регрес семе и други репроматеријали, а ќе имаат и загарантиран откуп. За таа цел во Владата на РМ, под иницијатива на посебната советничка за земјоделство на претседателот на Владата, Ленче Николовска,  се одржа состанок на кој беа присутни земјоделци, експерти и претставници од институциите во земјоделскиот сектор.

Комбинатот „Благој Ѓорев“ има капацитет за преработка на 40.000 тони сончоглед, а моментално откупува само 2000 тони од домашно производство. Останатото го увезува од Бугарија за што се одлеваат девизи од државата. Токму затоа се иницира кооперантски односи со земјоделските производители во квалитетно семе, репроматеријали, а се гарантира и откупот по пазарни цени.

Враќањето на сончогледот на македонските ниви е многу важен процес кој ќе придонесе во решавање на проблемот со пласманот на пченицата, обработување на напуштени земјоделски површини како и намалување на трговскиот дефицит преку намален увоз на суров сончоглед за преработка но и увоз на сурово масло кое понатаму преработувачките капацитети во државата ќе можат да го набавуваат од домашно производство.

Со поддршка на оваа кампања е и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кое во новата програма за финансиска поддршка за 2019 година, ги зголеми субвенциите за сончогледот и тоа 15.000 денари по хектар со користен сертифициран семенски материјал и 23.160 денари за сончоглед со користен сертифициран семенски материјал за земјоделски стопанства со површина од 5 до 50 хектари.

Земјоделците – производители на сончоглед, мотивирани од оваа кампања формираа и Асоцијација за да може заеднички да настапуваат и да се едуцираат за добивање на повисоки и поквалитетни приноси.

 

М-р Билјана Петровиќ

„Современо Земјоделство“

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *