Со браната Конско обезбедуваме одржливо земјоделство за зголемено домашно производство на храна

Вести

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски,  ја посетија новата браната Конско, којашто е во завршна фаза на изградба. Оваа вештачка акумулација е дел од хидросистемот Гевгелиско поле и нејзиното пуштање во употреба ќе значи навремено обезбедување на вода за наводнување за нови 4.000 хектари земјоделски површини.

Проектот за изградба на браната Конско е најголемата капитална инвестција на министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во последните 50 години вреден 40 милиони евра, средства од буџетот на министерството.

„Особено ми е драго што овде на овој капитален објект кој е од огромно значење за југоисточниот регион гледаме дека работите се одвиваат според предвидената динамика и веќе над 80 отсто од изградбата е завршена. Се работи за најголем инфраструктурен проект, каков што немало во изминативе 50 години. Оваа акумулација се очекува позитивно да влијае на регионалниот развој од повеќе аспекти како што се: обезбедување на чиста вода за наводнување на земјоделските површини, развој на риболовство и на туризмот“, изјави премиерот Ковачевски. 

Владата ги продолжува инвестициите во инфраструктурни капитални објекти, а со изградбата на браната „Конско“ се става силен фокус на земјоделството, како еден од двигателите на македонската економија.

„Во овие кризни времиња освен со интервентни субвенции земјоделците ги помагаме и со вложувања во капитални инвестиции, кои се со трајни вредности и со кои на долг рок овозможуваме одржливо, но и конкурентно земјоделско производство“, рече премиерот Ковачевски и додаде дека браната, заедно со останатите инвестиции во водостопанството, како што е и изградбата на системите за наводнување се дел од Националниот план за производство на храна.

„Националниот план за производство на храна, што за прв пат го донесе оваа Влада, на среден и долг рок ќе значи зголемено производство на домашна храна и увозна независност. Со поволни услови и државна помош се поттикнуваат земјоделците да се насочат кон зголемено производство на стратешките земјоделски култури, да се искористат ресурсите, да се зголеми производството и залихите за домашните преработувачки капацитети. Дополнително, заради зголемување на производството на стратешките земјоделски култури, особено на пченицата и пченката, дополнителни 6.000 хектари државно земјиште е подготвено да биде поделено на земјоделците, коишто ќе добијат и заради зголеменото производство и зголемени субвенции“, подвлече премиерот Ковачевски.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски истакна дека вкупната инвестиција во браната Конско, изнесува 40 милиони евра, средства обезбедени од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Програмата за рурален развој, посочувајќи дека и во „Националниот план за производство на храна“, еден од столбовите се инвестициите во системи за наводнување.

„Навременото и редовно наводнување на земјоделски површини коешто ќе се овозможи со оваа брана е клучен предуслов за квалитетно производство. Изминатите години ова беше голем проблем за земјоделците и им ги зголемуваше производствените трошоци. Со браната ја обезбедуваме потребната вода за наводнување во текот на целата година. Тоа значи помали трошоци и поконкурентно земјоделско производство“, рече Николовски.

Премиерот Ковачевски и министерот Николовски упатија честитки до изведувачите, компанијата „Серка Тааххут Иншаат – Акели“, од Турција, за досегашната успешна реализација.

 

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *