Повторно се произведува кралско вино

Вести Винотека Лозарство

По четири години пауза, изминативе две  години повторно се откупува грозје и се прави вино во демиркаписката винарница, своевремено изградена од кралот Александар Први Караѓорѓевиќ. За неа овде велат дека е најстарата винарија на Балканот, изградена во 1928 година.  Инвестираа двајца  партнери, со план квалитетното вино за чие добивање овој крај има идеални услови, да го извезуваат на пазарите ширум светот. Истовремено, на нивната агенда е и развојот на винскиот туризам крај железната порта.

Покрај нафта, вино

Во разговор со новите сопственици на винарницата, открија дека пред да инвестираат во винарската визба главно се занимавале со нафтен бизнис, но и транспорт и туризам. Одлучиле да ја купат кралската винарија поради љубовта кон виното и желбата светот да ја дознае македонската винска приказна. Бидејќи од претходно поседуваат хотел во Охрид, започнале со план двете атракции кои се под заштита, да ги стават во една туристичка понуда. Уште тогаш најавија дека ќе ја подигнат и демиркаписката економија, па наместо затекнатите 20 редовни и педесетина сезонски, најавија  околу двеста работници, од кои повеќето во редовен работен однос.

– Имаме стручни лица кои прават врвно вино. Поседуваме и магична винска приказна на која никој не останува рамнодушен. Сакаме местово да го направиме како магнет за туристите кои ќе дојдат да вкусат од божествената течност, но и да уживаат во бројните природни богатства кои ги нуди околината на Демиркаписката клисура. Каменото царство, пештерите, ретките птици, долината со кактуси, археолошките остатоци, историските знаменитости, музејот на виното, никој не може да им одолее на тие убавини, ми  рекоа тие тогаш во ексклузивното интервју.

кралска винарија

Инвеститорите не открија  колку пари платиле за некогашниот кралски имот, но најавија  дека дополнително ќе вложат најмалку околу три милиони евра. Во план е изградба на хотел од повисока класа со минимум 120 легла и спа центар, а крај него терени за голф, мал фудбал и тенис, надворешен базен. Следува реставрација на сите објекти од некогашниот кралски вилает, вклучувајќи ја и кралската вила која ќе стане своевиден музеј и репрезентативен објект, при што ќе се задржи автентичноста.  Некогашната детска градинка наменета за децата на работниците на кралскиот имот, на пример, сега ќе биде игротека во која ќе се забавуваат децата на посетителите.

Квалитет, но и приказна

Оваа гроздоберска сезона овде ќе се откупат околу пет милиони килограми грозје. Нашите соговорници велат дека се пријателски настроени кон производителите но и кон другите преработувачи на грозје. За почеток околу 70 проценти од виното кое  го произведуваат  е наливно, а флашираното велат е  со врвен квалитет. Крајната цел им е во иднина да флашираат најмалку пет милиони шишиња вино годишно. Иако инвеститорите преферираат вина од сортите “шардоне” и “каберне совињон”, тоа не значи дека ќе се произведуваат само тие.

Се почитува историјата и традицијата на производство на вино, но  се внесуваат и неопходните новини во винопроизводството, за што редовно  се посетуваат саеми. Можен е велат и заеднички настап со други винари. Наместо поранешниот  “Вила Марија”, новиот бренд  се вика “Принцезата Марија”. Се продава на пазарите во Полска, Србија, Германија, САД, но најмногу во Русија. Или како што велат, ако се освои рускиот пазар како што е намерата, другите пазари нема ниту да бидат потребни. Сакаат виното произеведно во оваа винарија да го врати стариот сјај на местото кое некогаш го раѓало најубавиот дар од Бога, кој се консумирал по кралските дворови.

Само за потсетување, своевремено кралот Александар Први Караѓорѓевиќ, им наредил на своите луѓе да му одредат кое место од целото кралство е најпогодно за изградба на винарница. Тие му ја посочиле сончевата Демир Капија. Кажувањата  за кралот и кралицата Марија не се единственото нешто што ги воодушевува туристите овде.

Со многу љубов кон виното и традицијата,  инвеститорите  во винарската визба пред некоја вечер  го отворија и новиот ресторан во рамки на целиот комплекс на влезот во Демир Капија. Со тоа го означија и стартот на годинешниов откуп на грозје.

– Ова е голем празник  и нов почеток за винарницата. Се надевам дека од оваа година која е многу значајна за нас, ќе започне новата епоха за винаријата. Главната работа ни е правењето вино,  но тука е и туризмот кој е поврзан со виното, рече Александрос Манасидис, еден од сопствениците, кој ја најави изградбата на хотел во кој ќе можат да престојуваат вински туристи од земјава и странство. Изрази надеж дека во иднина уште повеќе ќе се зголемува бројот на посетители.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *