Надминати се проблемите со откупот на праски во најголемиот регион за производство на ова овошје во Македонија, росоманскиот. Ова го констатира и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски кој посочи дека секоја година на стартот на берба, се случуваат истите проблеми со пласманот на првите сорти кои не биле посакувани од преработувачите, затоа што тешко се издвојувала коската. „Праската има регуларен редовен откуп. Она што можеше да се види дека се фрла, тоа беа меки праски. Сега се врши откуп и на меки праски. Сега не очекуваме такви слични проблеми. Сите се плашевме што ќе се случи со Русија. Знаете како ја почнавме сезоната. Некаде на 25 мај се повлече забраната и со координирани активности направивме се’. Сега немаме проблем. Немаме вратени камиони. Пред недела дена близу 1500-2000 тони се извезени во Русија. Пазарот станува се’ поприбирлив. Асортиментот на праски ни е познат. Оној кој има добар квалитет нема никакво проблем со праски. Сега е шпиц на берба и проблеми нема“, вели Димковски.
Министерот посочи дека државата ја зголемила поддршката за фирмите кои извезуваат на странските пазари.
„Поддршката што ние ја даваме за фирмите кои извезуваат свежо овошје и зеленчук преку саеми е зголемена од 400 илјади евра на 1 милион“ додаде Димковски.