Швајцарија ќе финансира проекти за развој на планските региони во земјава

Вести

 

Министерството за локална самоуправа заедно со седум центри за развој на планските региони потпишаа договори за финансирање на развојни програми во рамките на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој – Фаза 2“, финансиран од Владата на Швајцарија.

Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов информираше дека денеска отпочнуваат седумте проекти, кои се дел од грантовата шема на Швајцарската амбасада и проектната единица што тие ја имаат кај нас, со која, меѓу останатото, ќе се врши реконструкција на Кардиологија во Охрид, на Нефрологија во Струга и на Институтот за белодробни заболувања во Преспа.

– Имаме противпожарни возила во Куманово, фотоволтаици на училиштата во Радовиш, отвораме Центар за кучиња скитници во Кавадарци и серија други проекти со кои на регионите им помагаме во разрешување на нивните најитни потреби, истакна Пенов.

Министерот информира и дека со швајцарската амбасадорката во земјава, Вероник Улман се договара оваа шема да продолжи и идната година со уште една ваква донација со која проектите ќе се насочат кон енергетската ефикасност на општините.

Амбасадорката Улман, од своја страна, рече дека Швајцарија е посветена да ја поддржи децентрализацијата во Северна Македонија и заедно со Министерството за локална самоуправа го започнуваат токму Проектот за рамномерен регионален развој кој има за цел да ги намали разликите помеѓу регионите.

– Знаеме дека има уште многу работа во процесот, нашиот придонес е можеби мал, но сепак е придонес со кој овие седум проекти имаат различни тематики кои ги адресираат, односно енергетска ефикасност, зелени решенија, стационар за кучиња, како и некои проекти кои се однесуваат на здравството, го адресираат токму регионалниот развој и ќе имаат мал придонес всушност да се адресираат потребите на граѓаните, изјави амбасадорката Улман.

Таа додаде дека Швајцарија останува посветена да ја поддржува земјава во процесот на децентрализација и регионален развој.

Вкупната вредност на седумте проекти е 2.377.277 швајцарски франци, за кои учеството на Министерството е 54 проценти, додека на швајцарската Влада е 46 отсто.

Проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој – Фаза 2“го имплементира Министерството за локална самоуправа заедно со швајцарската Агенција за развој и соработка.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *