„Тиквеш“ продолжува со откупот на грозје според објавените критериуми и цени

Вести

„Тиквеш“ вчера продолжи со откуп на грозје од оние кооперанти кои согласно утврдената динамика било планирано и биле повикани да го предадат грозјето во текот на претходниот ден, пренесе Канал 5. Винарницата и понатаму останува на својата определба дека нема да прави никаков компромис со квалитетот на грозјето што го откупува.

Како што пренесе Канал 5, на незадоволните кои го блокирале влезот во винарницата и со тоа го попречиле откупот, а чие грозје не ги задоволувало минималните критериуми за квалитет неопходен за производство на вино, од страна на раководството на „Тиквеш“ им било понудено да им биде преземено за преработка во вински дестилат, при што им била понудена соодветна цена од осум денари по килограм, но понудата била одбиена од нивна страна.

„Како општествено одговорна компанија „Тиквеш“ гарантира дека од својата страна и понатаму ќе продолжи доследно да ги почитува сите преземени договорни обврски кон лозарите, но истовремено го очекува истото и од своите партнери. “, стои во објавата на винарницата „Тиквеш“.

Претседателот на регионалното здружение „Тиквешки лозароовоштари“ Дане Јошев за Слободен печат рече дека проблемот настанал откако одеднаш винарската визба „Тиквеш“ решила да не им го прими грозјето на лозарите кое е со помалку од 21 шеќерна едниница.

„Што да прават лозарите со тоа грозје? Тие нема кај да го носат дома и да го складираат. Затоа и го истурија. Минатата недела министерот за земјоделство Аријанит Хоџа рече дека е договорено смедеревката да се откупува за 11 денари, а вранецот за 13 денари. Смедеревката е со 16 до 17 шеќерни единици, а вранецот сега е со 18 до 19. Но, на терен грoзјето насекаде се откупува по цени од 10 до 11 денари. – рече Јошев.

Тој објаснил дека вчера биле на состанок во „Тиквеш“ на која дигитално присуствувал и директорот Светозар Јаневски и дека тој прво им кажал дека не може да откупуваат грозје под 21 шеќерна единица, затоа што такво не им треба, а потоа „попуштил“ и рекол дека може да го откупат, но само по цена од 8 денари за да од него прават дестилат, пренесе Слободен печат.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *