Утре истекува јавниот повик за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи од ИПАРД програмата

Вести

Утре, 29 јануари, истекува рокот за доставување на апликации за мерката „Инвестиции во материјални средства во преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи“. Со овој јавен повик им се овозможува на домашните претпријатија и на земјоделските задруги да инвестираат во отворање на преработувачки капацитети и опрема.

Од инвестицијата 50 отсто од средствата ќе бидат кофинансирани, односно финансиските средства по поединечно барање се доделуваат како неповратна финансиска поддршка. Притоа, 75 отсто од средствата кои ќе бидат кофинансирани ќе бидат обезбедени од инструментот за претпристапна помош за рурален развој на европската унија ИПАРД 2014- 2020, а 25 отсто од средствата ќе бидат кофинансирани од Буџетот на Република Македонија.

Само со оваа мерка на располагање се 13,2 милиони евра финансиска поддршка. Мерката се однесува на инвестиции во преработувачки капацитети за: млеко, млечни производи, месо, и производи од месо вклучително и јајца и живина, овошје, житарици, мелнички продукти, вино и шира. Дополнително, финансиската поддршка се зголемува за 10% доколку се работи за: инвестиции во згради или опрема чија што намена е да се подобри енергетската ефикасност.

„Мора да истакнам дека јас како директор на Агенцијата, се радувам и сум горд што нашите бизнисмени од агро – секторот, но, и земјоделците повеќе на ИПАРД Програмата не гледаат како на нешто недостижно. Напротив, ние како Влада покажавме дека имаме капацитет да им го олесниме патот како полесно да стигнат до европските средства преку кои ќе си го олеснат работењето.“- изјави Николче Бабовски, директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Воедно, потсетуваме дека за десет дена, на 9-ти февруари, истекува и рокот за мерката „Инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства“. Ефикасното искористување на парите од ИПАРД Програмата е врвен приоритет на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, но, и на Владата. Вложувањето на овие средства во агро секторот значи модернизација и зголемување на конкурентноста на македонското земјоделство.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *