Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска во Неготино информираше дека денеска и вчера за земјоделците од неготинскиот регион се исплатени над 25 милиони денари за обесштетувањата од временските непогоди што се случија минатата година, односно мразот. А, вкупно и за дел од останатите региони од државата, денеска и вчера по основ на обесштетувања Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој исплати околу 89 милиони денари.
Пред неколку недели се исплатија околу 100 милиони денари по овој основ за преспанскиот регион.
Преостанатите исплати на обештетувањата ќе се реализираат во текот на следната недела.
Министерот потенцираше дека минатата година се исплаќаа заостаните субвенции за лозареството од 2016 година, за 10 отсто со Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2017 година се зголемија субвенциите за одржување на лозови насади, односно од 40.000 денари по хектар на 44.000 денари, а поради намалениот род, Владата донесе и дополнителна мерка од 2 денари за килограм грозје предадено во регистрирани винарски визби.
Овие субвенции заедно со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, се исплатија навреме пред почетокот на новата производствена сезона.
„Најголем дел се исплатени во декември 2017 година и во јануари, или вкупно над 745 милиони денари пред новата производствена сезона исплативме за субвенции за одржување на лозови насади и дополнителна поддршка од 2 денари. Оваа година воведовме нови мерки, сите кои имаат помеѓу 1 и 10 хектар ќе добијат 20 отсто повиски субвенции за одржување на лозови насади, и ова е дел од нашите од нашите развојни мерки за лозарството. Со дополнителни 12.000 денари по хектар ќе се поддржуват сите лозари кои ќе извршат промена на сортатиментот на насадите, мора да се научиме да го модернизираме земјоделството и да создаваме конкурентни произоди. Зголемен е интересот за мерките од ИПАРД 2 Програмата од страна на винариите и лозарите и тоа се плус пари во земјоделството“, изјави министерот Николовски.