(ВИДЕО) „Договорно производство на органска пиперка“- Поголема и сигурна заработка, еве што треба да знаете!

Вести

За договорното производство на земјоделски производи веќе е јасно дека е најдобриот или можеби единствен начин на делување на земјоделците доколку сакаат да имаат сигурност во производството и заработката.

Овој европски тренд, успешно го прифати и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Преку новите мерки, ангажманот и активностите на министерот Хоџа, се иницира поголем развој и максимална поддршка на договорно производство преку повисоки субвенции за културите кои на овој начин ќе се произведуваат, а особено ако се органски.

Со големо разбирање за предностите на договорното производство се вклучи и Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството и руралниот развој, давајќи свој придонес во овој значаен процес. Потсетуваме на ангажманот околу договорното производство на сончоглед и пченка.

Од странските проекти, Швајцарскиот проект „Програмата за зголемување на пазарната вработливост – И.М.Е“ покажува најголемата заинтересираност за договорното производство и своите активности ги насочува кон воспоставување на таа соработка меѓу земјоделците и откупувачите.

Во меѓувреме, земјоделските производители и откупувачите веќе на своја кожа или поточно кажано, по свој џеб точно ја увидоа разликата кога се произведува стихијно и неплански, со ризик да не се продаде родот или откупувачот да остане без суровина. Предноста е секогаш во договорното производство кога однапред се знае кому ќе се продаде производот.

Кога вака ќе се согледа состојбата и активностите на сите чинители во процесот, недостигаше само алката која ќе ги поврзе сите чинители во овој процес, ставајќи во систем од кој интерес ќе имаат сите.

Во таа улога се најде Агротим, платформата која само ги седна на една маса земјоделците, откупувачите, инсититуциите, невладиниот сектор и резултатот веќе почнува да се гледа.

Оваа година, со ангажирање на советничката за органско производство, Ангела Ѓеровска и преработувачкиот капацитет „Тргопродукт“ , Агротим, со поддршка на проектот ИМЕ, организираше проект „Договорно производство на органска пиперка“.

Освен следењето на производство од самиот расад, расадување, прихрана, заштита, се ангажиравме и во организирање на обуки на земјоделци кои пројавија интерес за да се вклучат во овој проект следната година.

Првата средба ја направивме во општинската сала во Кривогаштани, каде земјоделците имаа можност да слушнат за предностите на договорното производство на органска пиперка од претставниците на Агротим, советничката Ѓеровска, од сертификациското тело Про Цер – Горан Колев, претставничката на ИМЕ – Габриела Митриќевска Мицевска, од МЗШВ – Методија Илиевски, раководител на ПЕ Битола и советникот и АПРЗ.

Ангела Ѓеровска – Органското производство не значи нетретирање, туку третирање и употреба на ѓубрива дозволени во органското производство, а таа дозвола се добива од сертификациски тела, дали дозволени сертификациски тела од надвор или претежно за производството се грижат нашите сертификациски тела, строго е забранета употребата на хирбициди што е еден од најголемите проблеми на земјоделците. Како најголем проблем се јавува затоа што при употреба на органските ѓубрива се јавува поголема појава на трева и тогаш имаме проблем или треба да се користи на најлон садење или со рачно отстранување што значи дека е малку позахтевно органското производство отколку конвенционалното.

Посебен начин на производството од почетокот е од времето на расадот. Значи исто во време на расадот не може да користиме хербициди. Во посебни супстрати, во посебна просторија да биде, разделено од конвенционалното производство, ѓубривата исто така треба да се дозволени во органското производство. Од досегашното искуство се докажа дека понапредни расадите секако се користат на овој принцип на органско производство начин да се произведат, отколку во делот како што досега се користеле. Расадувањето на нивите ќе биде или на најлон или со рачна обработка во борба со плевелите, и не е ништо поразлично од конвенционалното освен тоа што нема да користиме хербициди.
Добивката од досегашното искуство сите оние кои ги користеле органските препарати за заштита претежно и прихраната, се покажа дека ништо не го намалува приносот. Треба само да се разработи свеста кај луѓето, да пробате, да видите и да се уверите сами дека добивката ќе биде стално поголема кога се работи за органско производство.

Габриела Митриќеска Мицевска – Особено сме заинтересирани да го поддржиме договорното производство. Во моментов и Македонската асоцијација на земјоделски задруги заедно со Македонската асоцијација на преработувачи, работат на договорно производство исто поддржани од нас. Во петокот имавме состанок во Струмица каде задругите и преработувачите се сретнаа и за првпат почнаа да преговараат задругите да продаваат директно на преработувачите. Викаат досега цело време трговците се тие што користат бидејќи преработувачките капацитети не сакаат да кажат цена на почеток на сезоната, земјоделците чекаат до последен момент, и на крај трговецот ќе го купи производот, земјоделецот ќе заработи помалку пари, преработувачот ќе плати повисока цена, што значи сите губат само трговецот добива. И реално договорија да се направи понуда што можат да понудат земјоделските задруги што би откупиле преработувачките капацитети. Нашата идеја е оваа година во соработка со Министерството за земјоделство да видиме кои се можностите во договорното производство. Во програмата за рурален има една мерка 125, за договорно производство, оваа година ќе ја вежбаме за да видиме кои се проблемите и кои се можностите и на крајот на годината заедно со Агротим, Македонската асоцијација на земјоделски задруги и со Македонската асоцијација на преработувачи ќе се напише упатството на таа мерка и следната година би требало да бидеме спремни да можеме да ја користиме.

Која е целта на таа мерка? Таму ќе се аплицира целиот систем. Преработувач, земјоделци, консултанти, сите оние кои се потребни за да се произведе еден производ. Ако сакаме да произведеме еден органски ајвар имаме преработувач, имаме земјоделци имаме консултанти значи целиот тој процес за да се организира, меѓутоа може ќе биде потребна некоја инвестиција. Дали ќе биде потребно ново семе да се увезе, дали ќе биде потребно да се инвестира во некакво модерно производствоо на расад… Тоа што ќе биде потребно ќе биде финансирано од мерката во Министерство за земјоделство.

Горан Колев – Најбитната работа е самиот производител да сфати што е тоа органско производство, да се едуцира. Тоа најлесно може да го направи ако го отвори Законот за органско производство, има Правилник за растително органско производство и таму се објаснети сите работи кои треба да ги има еден производител за да дојде до сертификат и да влезе во процес на сертификација. Откако ќе одлучи да сертифицира, треба да најави до едно од сертификациските тела, има две во Македонија, тоа е Процерт и Балкан биосерт, да пополни еден едноставен формулар и да каже каде се наоѓа, колку површина располага, која култура ја одгледува врз база на што треба да добие понуда затоа што самата сертификација се плаќа одредена сума. По добивање на понудата и прифаќање на понудата се закажува термин за контрола на терен.

Најмалку еднаш годишно, а по потреба и неколкупати, зависно од видот и ризичноста на производот, се доаѓа на терен и се врши контрола. На контролата се склучува договор со сертификациското тело и производителот, се собираат податоци од терен, фото документација, други прилози како имотни листови, фактури од препарати од ѓубрива и така натаму, и се прави еден записник, едно досие кое се праќа до сертификациски службеник во главната канцеларија на сертификациското тело, каде што друг вработен го прегледува целото досие, доколку има некои нејаснотии пак поставува прашања и потоа се донесува сертификациска одлука која ја донесува друго лице. Откако ќе се донесе сертификациската одлука се издава сертификат или не се издава доколку има значајни прекршувања.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *