Во општина Ранковце се отвори првата домашна фабрика за производство на пелети за огрев, инвестиција вредна 3 милиони евра

Вести

Вчера, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, заедно со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и со министерката без ресор, Зорица Апостолска, присуствуваа на свеченото отворање на фабриката за производство на пелети  „Еко лајф“, во Гиновце, општина Ранковце. На свеченото отворање присуствуваа и градоначалникот на општина Ранковце, Ивица Тошевски и градоначалникот на општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.

Станува збор за инвестиција вредна 3 милиони евра, во која за почеток се отвораат нови 40 вработување, а во следниот период бројката на нови вработувања ќе достигне до 100 лица.

Министерот Николовски во своето обраќање посочи дека  оваа фабрика која е од секторот на дрвната индустрија  носи повеќекратен бенефит-како економски развој на општините Ранковце, Крива Паланка, но и заштита на животната средина и здравјето на луѓето преку производство на еколошки производи.

– Во време кога природата ни праќа јасни сигнали за нејзината загрозеност, во време кога се соочуваме со загадување на воздухот, повеќе од потребно е да се фокусираме на обезбедување на здрава и чиста животна средина за граѓаните. Во тој контекст радува фактот, што токму основната цел на оваа фабрика е да даде една нова димензија на еко свеста во Македонија, преку производство на еколошки производи. Оваа домашна инвестиција нека мотивира и поттикне многу домашни инвеститори да ги следат ваквите храбри чекори. Во насока на создавање на услови за работа на компаниите од дрвната индустрија, МЗШВ го поттикнува Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми “Македонски шуми“ како и субјектите кои управуваат со заштитените подрачја, да го развијат своето производство во насока на снабдување со соодветна суровина на субјектите кои ќе произведуваат енергија од обновливи извори, како што е токму оваа фабрика за производство на пелети“,порача министерот Николовски.

При тоа, Николовски потенцираше дека  Владата и институциите ќе бидат секогаш партнер на бизнис заедницата  преку  создавање на поволни услови за раст и развој на компаниите, а како поттик на компаниите на располагање им стојат и мерките од Планот за економски раст кој поддржува нови инвестиции и раст на конкурентноста.

Инвеститорот Ивица Јаќимовски, изјави  дека „Еко лајф“ е компанија која е дел од семејството „Голден Арт“ со различна дејност но која се темели на исти вредности со целосно затворен технолошки процес за производство на пелети.

Во оваа фабрика ќе се произведуваат пелети за затоплување, по највисоки европски стандарди, од домашна и странска суровина, со капацитет на производство до 3 тона на час.

 

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *