До крајниот рок, 3 август, до прилепската комисија се поднесени 1.315 барања за обесштетување на земјоделците кои беа погодени од невремето, што на 23 јули го зафати Прилепско.
Според Жарко Северкоски, претседател на општинската комисија за елементарни непогоди, невремето уништило род на околу 600 хектари и сега трите стручни комисии треба да прават проценка, извештај и елаборат во рок од 30 дена.
– Со невремето од 23 јули се погодени главно реоните на Мало и Големо Коњари и населбата Варош. До крајниот рок, 3 август се поднесени 1.315 барања за обештетување. Главно се уништени родот на тутунот, насадите на пиперки, пченка и други култури на околу 600 хектари. Сега трите стручни комисии во рок од 30 дена треба да извршат процена, да направат извештај и елаборат кои ќе бидат поднесени до советот на општина Прилеп и до второстепената владина комисија за процена на штетите, вели Северкоски.
Претседателот на советот Миле Талески најави дека кога Прилепскиот совет ќе го добие извештајот ќе пренамени средства за обесштетување на земјоделците.
– Кога ќе стигне елаборатот за процена на штетите, советот на општина Прилеп, на барање на градоначалникот Илија Јованоски ќе донесе одлука за пренамена на средства за обесштетување на погодените земјоделци од невремето, изјави Талески.
Прилепско Мало Коњари е едно од најпогодените во невремето и на 9 и на 23 јули.
– Имав шест декари со тутун. Главно годишно вадам род од два тона и штетите се околу 10.000 евра. Сега немам ништо, евентуално ако потераат стебленцата, ама не се надеваме. Пријавив до комисијата, но што да се очекува кога родот не е ниту осигуран, бидејќи осигурителните компании тешко се решаваат на обесштетување. Сега за семејството да има што да работи на подарок од роднини добивме тутун да го сработиме за да не биде годината без ништо, вели Софроние Мишески, тутунар од Мало Коњари.
Земјоделците се надеваат дека ќе добијат надомест за штетите.
– Имав тутун на 12 декари. Сега нема ништо. Досега не сум добил никакво обештетување, но се надевам дека нешто ќе се направи за да бидеме обештетени, вели Љубен Мишески од прилепско Мало Коњари.
Извештаите и елаборатот за штетите од јулското невреме треба да бидат готови во почетокот на септември.