Земјоделците бараат целосна отштета по поплавите во прилепско

Вести

До комисијата за елементарни непогоди при Општина Прилеп, заклучно со 3 август биле поднесени 1.315 барања за обесштетување од страна на земјоделците чии посеви пред 2 недели беа скоро целосно уништени во невремето кое го зафати реонот на селата Мало и Големо Коњари. Комисијата сега во рок од 30 дена треба да направи проценка на штетата и записници.

„Се прави елаборат и вкупен збир на штетите за да се достави што е можно побрзо во законскиот рок до Советот на Општина Прилеп, да можат што е можно побрзо да бидат обештетени земјоделците“, истакна Жарко Северкоски, претседател на комисијата за елементарни непогоди при Општина Прилеп.

Барање за обесштетување ќе било испратено и до Второстепената Комисија при Владата.

„Советот на Општина Прилеп во рамките на можностите и во рамките на кондицијата на буџетот на Општина Прилеп ќе оддели средства после изготвувањето на овој елаборат“, истакна Миле Талевски, претседател на Совет на Општина Прилеп.

Земјоделците велат дека претрпеле огромни штети, скоро целиот род им е уништен и бараат поголемо обесштетување, а не минимално. Дел се и скептици дека воопшто ќе добијат обештетување.

„90% е уништено. Јас изгубив околу 10.000 евра, планирав да предадам околу 2,5 тони на тутун. Поднесов барање за обесштетување, но очекувањата се многу мали, досега кога не се добило ништо така и од сега“, рече Софроније Мишески, земјоделец од Мало Коњари.

„Од невреме јас обештетување досега не сум добил. Еве и пред 2 години имаше последно големо невреме, не добивме ништо. Сега незнам, се надеваме“, кажа Љубен Мишески, земјоделец од Мало Коњари.

Колкаво ќе биде обесштетувањето за земјоделците ќе се знае после 1 месец.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *