За заштита од Африканска чума кај свињите, европската агенција за безбедност на храна со кампања во нови земји

Вести

Европската агенција за безбедност на храна (EFSA) ги засилува своите напори да го запре ширењето на африканската чума кај свињите во Европа со проширување на својата кампања во уште девет земји.

Минатото лето, агенцијата започна голема кампања за подигнување на свеста за болеста во југоисточна Европа. Кампањата беше спроведена во партнерство со локалните власти во земјите што сочинуваат „регион за загриженост“ – Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Грција, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Словенија – поради нивната близина со земјите каде што е присутна африканската чума кај свињите.

Од агенцијата информираат дека сега ја прошируваат кампањата – првенствено насочена кон земјоделците – на Бугарија, Република Чешка, Литванија, Летонија, Полска, Словачка, Естонија, Унгарија и Романија.

Николаус Криз, раководител на Единицата за здравје на животни и растенија на EFSA, изјави: „Како научна организација, работиме неуморно на давањето проценки и препораки што можат да им помогнат на земјите зафатени од африканската чума кај свињите, за да ги заштитат своите животни и економии.“

„Минатата година решивме да се насочиме во таа насока и да прикажеме дека EFSA е посветена кон помагање на земјоделците и другите што живеат во сенка на оваа страшна болест. Кампањата беше добро прифатена во првата фаза на земји и сега одиме понатаму со нашата порака за откривање, спречување и пријавување.Кампањата ги надополнува тековните напори на Европската комисија и на другите меѓународни организации, насочени кон искоренување на болеста во Европа“, рече тој.

Африканската чума кај свињите е вирусно заболување што влијае врз домашните и дивите свињи. Вирусот е безопасен за луѓето, но предизвика значителни економски нарушувања во многу земји. Не постојат вакцини, па епидемијата во зафатените области може да наметне колење на голем број свињи кои што се чуваат на фарми.

Кампањата има за цел да ги подигне свеста и разбирањето за африканската чума кај свињите во сите 18 земји и е насочена кон групи луѓе и поединци, кои стапуваат во контакт со домашни и диви свињи, особено кон одгледувачите на свињи. Истата се спроведува со помош од локалните ветеринарни организации, земјоделски здруженија, ловечки здруженија, граничната полиција и други релевантни тела, напоменуваат од агенцијата.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *