Земјоделска задруга е правно лице (претпријатие) основано на доброволна основа и контролирано од лицата кои го употребуваат. Задругата претставува демократски управувано претпријатие од страна на членовите (сопственици) со основна цел да одговори на нивните заеднички потреби.
Членовите на земјоделската задруга се еднакви и рамноправни – имаат еднакви права и обврски во одлучувањето по принципот еден член еден глас.
Земјоделската задруга е правно лице запишано во Централен регистар на Република Македонија.
Како и секое друго претпријатие, задругите имаат исти потреби од добро планирање, доволно финансиски средства, анализа на пазарот, развиена стратегија за развој, добро планирање и најважно од се добар и едуциран персонал (вработени). Задругите се чувствителни на пазарните случувања како и сите други претпријатија.
Уникатноста на задругите се согледува во следното: членовите се и сопственици, па овој систем многу влијае на начинот на функционирање на задругите. Во случај кога членовите на задругата ќе престанат да ги користат услугите кои таа им ги нуди, тогаш задругата ќе престане да постои.
Принципи на земјоделските задруги
Како организациски форми задругите постојат повеќе од 180 години и во сето тоа време принципите т.е. основата на кои функционираат се менува. Денес општо се прифатени 7 принципи на кои се гради и функционира една задруга.
1. Доброволно членство
Задругите се доброволни организации отворени за секое лице кои имаат потреба од услугите кои ги нуди задругата. Сите тие лица мораат да ги прифатат сите одговорности за членството без било какви дискриминаторски однос кон половите, социјалните, политичките или религиозните разлики.
2. Демократско управување од членството
Задругите се демократски организации управувани од членовите и истите земаат активна улога во сите процеси на донесување на одлуки.
3. Членарина
Членовите на задругата плаќаат членарина како придонес на кооперативата, но во исто време имаат контрола на финансиските средства.
4. Самостојност и независност
Задругите се самостојни и независни организации управувани само од членовите.
5. Образование, обука и информација
Задругите ги информираат своите членови, им обезбедуваат обука како на членовите, на избраните управни тела така и на вработените за да можат сите да имаат можност да допринесат во целост на организацијата.
6. Соработка меѓу членовите
Задругите им служат на своите членови на најдобар начин преку овозможување на соработка од било каков вид меѓу членството.
7. Грижа за општеството
Со фокусирање на потребите на членовите, задругите работат за да им придонесуваат за одржлив развој на нивните заедници и општеството.
Потреба од земјоделска задруга
Глобализацијата и зголемената конкуренција на домашните и странските пазари наметнуваат големи предизвици за опстанокот на земјоделството. Во последните години земјоделците се соочуваат со намалување на нивната финансиска моќ заради зголемените цени на репроматеријали, намалените цени на земјоделските производи, слабиот пристап и нерамнотежата на пазарите и недоволната и неефикасната соработка со другите учесници во синџирот на снабдување.
Недостатокот на финансиски средства и слабиот пристап до кредити го наметнува прашањето како земјоделците најдобро можат да ги заштитат своите економски интереси. Решението треба да се бара во организирање на земјоделците во компании кои ќе овозможат заеднички да ги решаваат проблемите за кои не се доволно силни да ги решаваат индивидуално.
Зошто земјоделска задруга
Земјоделската задруга е претпријатие кое им е потребно на членовите заради подобрување на нивниот бизнис, т.е. зголемување на нивниот профит. Тоа може да се направи на неколку начини:
- Заедничка набавка на репроматеријали со што се постигнува поголем обем на набавка која со сигурност ќе им донесе пониски набавни цени на членовите кои ја вршат таа набавка, отколку сета набавка да ја прават поединечно.
- Заедничка преработка на примарни производи при што истата ќе се прави во заеднички преработувачки погон со што полесно ќе може да изгради, ќе се постигне поголем волумен на преработка и ќе се пласираат поголеми количини на унифициран производ со што ќе се постигнат сигурен пласман и повисоки цени на производот, а сето тоа ќе води кон поголем профит кај секој од членовите (пример земјоделски производ пиперка кој го произведуваат поголем број на членови – земјоделци, со заеднички постројки за преработка во ајвар ќе се постигне поевтина инвестиција, сигурна суровина, изедначен квалитет на производ, поголеми количини за продажба, посигурен пласман и повисоки цени на краен производ)
- Заедничка продажба на производи со што се постигнува поголеми количини кои се нудат, посигурен пласман и повисока цена.
Историски развој на задругите
Земјоделските задруги како форма на организирање на земјоделците во Република Македонија постојат многу одамна, уште од почетоците на 20 век. Меѓутоа различните историски периоди во Македонија носат и различни политичко – економски општествени состојби кои влијаат на различниот начин на нивното функционирање. Најголем подем на задругите настанува по Втората Светска Војна во тукушто ослободената Македонија како самостојна држава во рамките на тогашна Југославија. Меѓутоа со политичкиот и економскиот систем преку воведување на државна сопственост го искривува основниот модел на приватна сопственост и работа на задругите со што тие губат на функционалност и ги губат основните атрибути. Со тоа се губи довербата на земјоделците во таквата форма на организирање.
Со осамостојувањето на Република Македонија при крајот на минатиот век и со промената на системот започнува нов период во кој задругите добиваат можност повторно да станат една од можностите за здружување на земјоделците заради остварување на профит.
Дејности на земјоделските задруги
- Примарно земјоделско производство
- Преработка на земјоделски производи
- Трговија со земјоделски производи и преработки
- Трговија и услуги на средствата во примарното земјоделско производство и преработките
Активности на земјоделските задруги
- Растително производство на одредена земјоделска култура на одредена површина
- Сточарско производство со одреден број на добиток
- Договарање на производство и испорака на производи во одредена количина
- Договарање на вредноста на земјоделските производи и преработките
- Набавка на репродуктивен материјал
- Услуги во делот на заштита на растенија и животни
- Услуги со земјоделска механизација и опрема
- Услуги за складирање, чување, преработка и доработка на земјоделски производи
- Вршење на административни, технички и стручни работи
- Маркетинг на земјоделски производи
Секоја задруга е уникатна на свој начин, меѓутоа секоја задруга има своја јасна причина поради која е основана, на пример:
- Пониски цени на репроматеријали
- Повисоки цени на готов производ
- Преработка и производство
- Контрола на пазарот во случај кога членовите произведуваат производ во огромни количини и значителни на пазарот.
Вообичаено е задругата да има само една цел. На пример или само набавка или само продажба. На тој начин со специјализација се добива поголема ефикасност и оперативност, а со тоа и поголеми можности за успешно работење. Поради тоа денес многу земјоделци во развиените европски држави се членки на повеќе задруги во исто време. На пример, еден одгледувач на молзни крави може да биде член на задруга за набавка на репроматеријали за сеење на жито и други култури потребни во исхраната на кравите, потоа да биде член на задруга за производство и снабдување со концентрати, член на задруга за откуп на млеко, член на кредитна задруга, итн. Но, задругата може да функционира и со повеќе цели односно активности во рамките на сопственото работење да ги реализира истите.
Обем на земјоделските задруги
Земјоделската задругата може да биде од мал или од голем обем. Обемот на земјоделската задруга се определува во зависност од бројот на членовите на задругата, како и нивните производствени капацитети.
Земјоделската задруга од мал обем е задруга со најмалку десет, а најмногу 19 члена, а земјоделска задруга од голем обем е задруга со најмалку 20 члена.
Производствените капацитети кои се во функција на дејноста на земјоделската задруга треба да исполнуваат просторни, технички, технолошки и инфраструктурни услови.
Услови за основање на земјоделска задруга
Земјоделска задруга може да основаат најмалку десет земјоделски стопанства евидентирани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства.
Земјоделските стопанства ја задржуваат правната форма која ја имале пред зачленувањето во земјоделската задруга.
Едно земјоделско стопанство може да членува во повеќе земјоделски задруги.
Едно земјоделско стопанство, член во земјоделската задруга, не може да има повеќе од 30% од вредноста на производствените капацитети во земјоделската задруга.
Основање на задруга
Иницијативата за основање на задруга мора да биде базирана на јасно разбирање помеѓу заинтересираните членови дека им е потребно здружување заради остварување на нивната цел. Така, целта на здружувањето може да биде, остварување на пониски цени на репроматеријали, повисоки цени на производите за продажба или пак за освојување на поголем пазар.
Како и за секој бизнис и при започнувањето на задругата мора да се направи прецизен бизнис план кој е обврска на членовите кои покажуваат иницијативност и лидерски способности. Тие треба да се погрижат дека сите активности ќе бидат во насока на успешно работење.
Следуваат чекорите за организирање на членовите во задругата и оваа листа може да служи како контролна листа на постапки за основање на задругата.
Чекор 1. Собирање на информации, појаснување на потребите за основање на задруга, создавање на група на потенцијални членови.
Чекор 2. Собир на потенцијални членови, разговори за потребите од основање на задруга, избор на работна група која ќе го води процесот на основање.
Чекор 3. Изготвување на идеен бизнис план за оценување на економската оправданост за основање на задруга, споделување на податоците со потенцијалните членови, придобивање на членовите.
Чекор 4. Развој на договор за членство во кој ќе се опишат обврските и правата на членовите. Овој договор ќе биде дел од Статутот на задругата во кој ќе бидат регулирани и други делови од управувањето.
Чекор 5. Подготовка на детален бизнис план.
Чекор 6. Подготвување на прелиминарен Статут на задругата со сите права, обврски и финансиски влогови на членовите.
Чекор 7. Одржување на основачко собрание, избор на раководни тела (управен одбор, надзорен одбор) и подготовка на документација за регистрација.
Чекор 8. Избор на директор – менаџер на задругата, подготовка за започнување со работа на задругата.
Чекор 9. Следење на активности од имплементација на бизнис планот.
Статут на земјоделска задруга
Статутот на земјоделската задруга мора да содржи одредби за следниве прашања:
- фирма и седиште на задругата,
- цели на задругата,
- создавање на главнината на задругата,
- запишување удели во задругата што не се плаќаат во пари, туку во предмети или права, опишување на предметите и правата, начин на нивното вреднување и изразување во парична противвредност и податоци за членот кој ги запишал ваквите удели,
- имот при основањето на задругата, начин на вложувањето, правен режим на стекнатите недвижности или подвижни предмети и податоци за лицата кои вложиле предмети или права,
- органи на управување и начин на застапување,
- начин на објавување на одлуките на задругата,
- име и презиме или фирма, адреса или седиште и државјанство на членовите на задругата,
- прием во членство на задругата и начин на престанок на членството,
- парични и непарични обврски на членовите, видот и висината,
- лична одговорност на членовите и нивната обврска за некои натамошни или дополнителни уплати,
- управување и застапување, начин на измена на статутот и начин на донесување на одлуките од страна на собранието,
- проширување или ограничување на правото на глас,
- начин на пресметување и начин на поделба на добивката и на остатокот од стечајната или ликвидационата маса,
- обем на задолжителната соработка на членот на земјоделската задруга и земјоделската задруга и
- начин на распределбата на финансиската поддршка што ја добива земјоделската задруга.
Имот на земјоделската задруга
За имот на земјоделската задруга се смета:
- имотот стекнат преку вршење на дејноста на земјоделската задруга,
- производствените капацитети во сопственост на земјоделската задруга и
- уделите на задругарите.
Членовите на земјоделската задругата го задржуваат правото на сопственост врз производствените капацитети што врз основа на договор ги здружуваат во земјоделската задруга, освен ако сопственоста ја пренеле на земјоделската задруга.
Имотот на земјоделската задруга и припаѓа на земјоделската задруга и служи за вршење на нејзините дејности и намирување на нејзините обврски.
Финансиска поддршка за основање на земјоделски задруги
Финансиската поддршка за основање на земјоделските задруги е наменета за покривање на дел од трошоците за основање на земјоделска задруга, воспоставување на административни и технички капацитети, помош за ангажирање на стручни лица, помош за организирање на информативни и промотивни активности и обуки на кадровскиот потенцијал и членовите на земјоделската задруга.
Финансиската поддршка може да се однесува и на исплата на плата за лице управител на земјоделска задруга која согласно со пропишаните услови може да остварува право на помош од овој вид во висина од 100% во првата година, од просечната плата исплатена во Република Македонија за претходната година, со намалување од 20% за секоја наредна година во период не подолг од пет години.
Финансиска поддршка на земјоделските задруги од голем обем може да им се додели и за ангажирање на едно лице од областа на земјоделските науки и ветерината, согласно со видот на земјоделската задруга во висина не повеќе од просечната плата исплатена во Република Македонија за претходната година.
Финансиска поддршка за функционирање на земјоделски задруги
Земјоделските задруги од мал обем може да добијат дополнителни директни плаќања за тековната година до 7,5% за производството кое го имаат произведено и продадено преку задругата.
Земјоделските задруги од голем обем може да добијат дополнителни директни плаќања за тековната година до 15% за производството кое го имаат произведено и продадено преку задругата.
Земјоделските задруги може да добијат поддршка за наводнување, во вид на надоместок на дел од трошоците за наводнување, за производствените капацитети во и на задругата и тоа во висина која нема да надминува 20% од трошокот за наводнување за задругите од мал обем и 30% за задругите од голем обем, но не повеќе од 400.000 денари на годишно ниво.
Земјоделските задруги може да добијат финансиска поддршка за премии за осигурување, во вид на надоместок на дел од трошоците за осигурување и тоа во висина која нема да надминува 70% од трошокот за осигурување на производните капацитети на земјоделската задруга од мал обем и 80% за осигурување на производните капацитети на земјоделската задруга од голем обем, но не повеќе од 3.000.000 денари на годишно ниво.
Финансиската поддршка за земјоделските задруги може да се однесува и за набавка на земјоделска механизација, согласно со годишната програма за финансиска поддршка на руралниот развој и истата може да се додели како помош чија висина не надминува 90% од вкупната вредност на набавката.