Александар Ќулумовски: Оваа година имав дупла среќа – и “Ипард” и “Млад Земјоделец”

Вести Интервју

Александар Ќулумовски од Ресен веќе 10 години интензивно и  професионално се занимава со земјоделството, а неговите родители започнале уште во 1975 година, па така уште од свои најмлади години бил запознат со оваа гранка од општеството и сфатил колку е битна не само за нивниот опстанок туку и за целата држава.

Оваа година, на свои 33 години, во една календарска година има дупла среќа да добие позитивен одговор за аплицирањето за огласите „Ипард“ и „Млад Земјоделец“.  Бескрајно е благодарен за оваа помош бидејќи пристигнала во вистинско време но и на вистинско место.

– Прв објавен оглас беше Ипард, аплицирав, веднаш потоа го објавија огласот и за „Млад Земјоделец“, оглас кој за мене беше најатрактивен, па аплицирав и за него. И за двата огласи добив позитивен одговор на првото аплицирање. Малку е да кажам дека мене ми се случи чудо, кое ми го промени животот и ми даде вистинска насока како да се движам понатаму. Практично, уште посилно се врзав за земјоделството, и како млад човек токму во оваа гранка гледам широк спектар за работа, истакна Ќулумовски.

Тој ни откри дека се поднови со меѓуредна фреза Калдерони и атомизер од 1000 литри, а преку Ипардот одобрени му се трактор Тафе 45 ДИ и ИНО Мулчер.

-Фрезата која ја купив, нескромно ќе кажам дека е најмодерна. Ретко кој ја има во Ресен и сум многу задоволен. Ново си е ново а плус и гратис добиено…посакувам секој да почувствува како е кога се работи со нов трактор и приклучна механизација, затоа што така се избегнуваат дефекти и проблеми, а ние земјоделците безбедно можеме да си ја извршуваме работата, рече Александар.

Тој ни го покажа стариот трактор од 1978 година, со кој работел долги години, со маки, и со загуба на време и нафта.

-Од трактор стар 40 години, преку ноќ добиваш нов трактор…прекрасно чувство кое буди убави мисли и голема надеж, воодушевено истакна Александар.

Александар обработува површина од 1 хектар, каде има засадено 1000 садници јаболко, со старост од 15 до 18 години.

-Имам приноси од околу 40 до 50 тона од хектар. Од 1000 садници, 400 се од сортата Црвен Делишес, а останатите Ајдаред и Муцо. Минатата година ги продадов на фирма од Ресен, па се надевам дека и оваа година ќе имам сигурен откуп, рече Ќулумовски за Современо Земјоделство.

Тој додаде и дека невремето со град му направило штети од околу 70%, па апелира што побрзо да се реализира проектот со градобијните ракети, и со години наталожениот проблем со откупот.

-Најбитно за нас земјоделците е да имаме сигурен откуп. Другото го можеме сами. Јас како млад земјоделец многу сакам да бидеме дел од ЕУ и Нато. Замислете, кога една Албанија и Бугарија преку ноќ направија подем во земјоделството, колку можеме ние да постигнеме. Јас живеам во близина на градот Корча. Таму има на секој чекор ладилници за јаболката. Во месец март и април ги отвораат, посебно за сортата Црвен Делишес и добиват многу повисока цена. Нас токму тоа ни треба за конечно да ни тргне работата напред, истакна Ќулумовски.

Неговите идни планови се да се прошири со неколку хектари земја, бидејќи, како што истакна за Современо Земјоделство, со влезот во ЕУ, ќе се отворат нови фондови, нови можности, изградби на ладилници, и најпотребното – извоз во европските земји.

Ќулумовски, при крајот од нашиот разговор, ги советува и ги поттикнува сите млади да размислат и да се вклучат во земјоделството.

-Секој млад што има услови да направи едно земјоделско стопанство, со житни култури, градинарство или овошје, сеедно, да направи и да не се двоуми. Јас имав среќа во една година да добијам се што посакував долги години. Со верба, ќе добиете и вие. Земјоделството бара многу трпение, но возвраќа позитивно, заврши Ќулумовски.

 

 

Билјана Петровиќ за Современо Земјоделство

 

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *