Антонио Ангеловиќ, најуспешен млад земјоделец за 2021 година: „Ако се работи професионално и посветено, од земјоделието може добро да се живее“

Вести

Признанието за најуспешен млад земјоделец за 2021 година Земјоделското здружение „Современо земјоделство“ во рамки на манифестацијата „Избор на најуспешни во областа на земјоделството“ му го додели на Антонио Ангеловиќ од Лозово.

Антонио е дипломиран економист по вокација, но желбата и љубовта за земјоделското производство му се поголеми од работа во администрација или некоја друга професија.

Земјоделското производство за младиот Антонио е семејна традиција, која тој ја продолжува со сета сериозност и одговорост која ја носи оваа професија. На 700 хектари одгледува житарки и има 15 хектари лозје, а произведува и семенски материјал.

„Имав насеано 400 хектари со житарки од кои основно семе пченица 50 хектари и јачмен основно 105 хектари. Се одлучив да посеам и семенска пченица за да имам квалитетно производство, а и за другите колеги земјоделци да имаат добро семе и повисок принос. Оставив и 50 хектари за сончоглед за проектот договорно производство со фабриката „Благој Ѓорев“ од Велес“, вели Ангеловиќ.

Антонио редовно користи субвенции, а последниве две години има купено два нови трактори, комбајн и приклучна механизација и има изградено силос и магацински простор.

„Ако се работи професионално и посветено, од земјоделието може добро да се живее“, вели Антонио.

Антонио сака професионално да се занимава со земјоделство и постојано следи каква поддршка има од државата.

„Земјоделството не е лесно, работиме постојано, на дожд, на сонце, а произведуваме храна. Затоа треба да се стимулира повеќе земјоделецот, тоа е добро за сите и за државата. За моите планови во иднина посакувам само здрвје и бериќетни години, а кога се работи макотрпно, другото ќе си дојде – заклучува овој млад земјоделец.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *