БИСЛИМОСКИ: Нема причина за паника, нема да се прави корекцијана цената на електричната енергија

Вести

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски вели дека не гледа причина за поскапување на електричната енергија за домаќинствата иако цената на светските берзи се зголеми на 140 до 150 евра за мегават час и порачува дека актуелната цена ќе остане најмалку до крајот на декември.

– Засега не гледам причини за корекции на цената на електричната енергија и нема причина да се прави каква било паника. Граѓаните треба да бидат мирни зашто АД ЕСМ го покрива пазарот во целост и ги обезбедува потребните количини на електрична енергија за Универзалниот снабдувач по цена од 36 евра за мегават час, изјави Бислимоски.

Нагласи дека цената на електричната енергија секогаш се утврдува во јуни и важи најмалку до крајот на декември, а потоа се распишува нов тендер за набавка на електрична енергија за потребите на регулираниот пазар.

-На новиот тендер АД ЕСМ повторно ќе има понуда за снабдување на Универзалниот снабдувач со електрична енергија и не мислам дека може да се очекуваат промени, посочи Бислимоски.

За зголемувањето на цената на електричната енергија на светските берзи смета дека е инцидентно и оти е резултат на повеќе фактори, меѓу кои и шпекулации кои влијаат и на домашниот пазар.

-Цените на берзите се зголемуваат на слободниот пазар, но во принцип никаде во Европа нема зголемување на трошоците на производство така што ова пред се е шпекулативно направено. Станува збор за инцидентна ситуација, вели Бислимоски.

Нагласува дека РКЕ се бори да ги задржи снабдувачите и врши притосок тие да си ги завршат обврските што ги презеле кон компаниите кои ги снабдуваат.

-Има такви кои ги гарантираат цените, но започнавме постапка за некои од нив кои се покажаа несериозни и незаконски ги откажаа договорите. Дел од компаниите имаат проблеми во снабдувањето со електрична енегија, но за тоа ние како регулатори не можеме повеќе да сториме. За тој дел на потег е државата, односно Владата, порача Бислимоски.

Извор – ТВ 24

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *