Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски заедно со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, денеска ја посетија винарницата „Мовино“, во Росоман, којашто е корисник на мерките од ИПАРД 2 програмата.
Винарницата конкурираше за мерката „Инвестиции во материјални средства за преработка на земјоделски и рибни производи“ од првиот јавен повик од ИПАРД 2 програмата. Вкупната инвестиција за набавка на различен вид на опрема потребна за модернизација на производството и на самата винарница, изнесува над 35 милиони денари, од коишто 50 отсто или 16,8 милиони денари од инвестицијата и се вратени на компанијата преку ИПАРД 2 програмата.
Министерот Димковски посочи дека инвестицијата на оваа винарница е уште еден позитивен пример на ефикасна искористеност на мерките од ИПАРД 2 програмата, од коишто бенефит има елокупниот сектор земјоделство.
„Капацитетот на винарницата за производство на вино е зголемен од 4 милиони на 5 милиони литри вино и откупуваат 8 милиони килограми грозје. Ваквиот тип на инвестиции во модернизирање на производство преку набавка на софистицирана опрема а со помош на мерките од ИПАРД, ќе придонесат за производство на финални производи со поголема додадена вредност, коишто постигнуваат повисока цена на пазарот и се понконкурентни. Со ефикасна искористеност на европските фондови, агросекторот ќе се подготви за пристап во ЕУ, ќе обезбедиме одржлив развој на руралната економија и отварање на нови можности за вработување во руралните средини“, изјави министерот Димковски.
Директорот на Платежната агенција, Бабовски, потенцираше дека досега преку ИПАРД 2 се реализирани голем број на проекти.
„На овој начин со помош на мерките од ИПАРД 2 програмата се јакнат капацитетите коишто веќе работат но и овозможуваме отворање на нови капацитети коишто ќе го преработат домашниот земјоделски производ, а со тоа на крајот имаме поголема додадена вредност на финалниот производ кој се пласира и дома и странство. Во моментов тече обработката на апликациите од вториот и третиот повик од ИПАРД 2 програмата, за мерката 1 „Инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства“ очекуваме да склучиме 800 договори планираме целата расположлива сума да се искористи. А за мерката 3 “ Инвестиции во материјални средства за преработка на земјоделски и рибни производи“ веќе се склучени 30 договори во вредност од 3,2 милиони евра, а остантите ќе се склучат во следниот период“, изјави директорот Бабовски.
Инаку, на првиот повик од ИПАРД 2, склучени се 947 од тие 874 апликанти доставиле барање за поврат на 14,1 милиони евра. Додека на 597 апликанти им се исплатени 7,7 милиони евра.