Интегриран рурален развој и подобрување на условите за живот во руралните средини ќе биде во фокусот на новиот проект на ФАО што ќе започне оваа недела во Република Северна Македонија.
Проектот официјално започна на настан во Скопје денес, организиран од ФАО и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), на кој учествуваат околу 30 претставници на МЗШВ, Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството, организации на земјоделци, граѓански организации, академијата, единици на локалната самоуправа, центри за регионален развој, меѓународни партнери и медиуми.
Проектот се спроведува како дел од Регионалната иницијатива на ФАО за зајакнување на малите земјоделски стопанства и семејните фарми за подобрување на руралниот живот и намалување на сиромаштијата, и се очекува да биде завршен до средината на 2021 година. Генерално, тој има за цел да ги реши клучните проблеми на руралните жители преку поддршка на малите земјоделски стопанства и семејните фарми да ги подобрат условите за живот, да добијат пристап до пристојна работа и до продуктивно, одржливо вработување.
Поконкретно, проектот ќе помогне во градење на капацитетите на МЗШВ, преставниците на регионалната и локалната власт, земјоделските советници и други релевантни чинители – во делот на политиките на земјоделство и рурален развој, како и во подготовка и спроведување на планови за локален развој за две пилот рурални заедници.
За да се постигне програмски пристап кон руралниот развој во Северна Македонија, проектот ќе избере две целни заедници во кои спроведување на консолидација на земјоделското земјиште е изводливо и веќе во тек, како што покажаа и неодамна спроведените физибилити студии за консолидација на земјиште во рамките на тековниот проект финансиран од Европската унија “Воведување на национална програма за консолидација на земјиште” (МАИНЛАНД), спроведуван од ФАО во соработка со МЗШВ.
Врз основа на утврдените потреби, покрај напорите за консолидација на земјиштето, проектот ќе помогне во зајакнување на развојот на локалните заедници, помагајќи им на малите земјоделски стопанства да применат одржливи технологии на производство, да инвестираат во мерки за прилагодување кон климатските промени, да ги диверзифицираат нивните приходи, да пристапат до средства за трактори или друга опрема, да го подобрат вредносниот синџир и пристапот до нови пазари.
„Постои јасна потреба да се поддржат македонските рурални заедници преку интегриран пристап – здружување на различни иницијативи за зајакнување на руралните области – како поддршка за развој на вредносниот синџир, подобрено организирање, засилено и одржливо производство и подобрувања во земјоделската инфраструктура“ истакна Мортен Хартвигсен, менаџер на Регионалната иницијатива на ФАО за малите земјоделски стопанства и семејни фарми, во своето обраќање на денешниот настан.
„Целокупниот предизвик не е само да се осигура земјоделскиот и руралниот развој преку зголемена продуктивност и конкурентност на малите фарми“ рече Хартвигсен, „туку и да се осигура дека растот станува инклузивен и ќе резултира во подобри услови за живот во руралните заедници, вклучително и за жени и за мажи и за ранливи групи во опасност да бидат запоставени”.
Во своето обраќање, министерoт за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски – истакна дека изминатите две години ресорното министерство континуирано работи на креирање на мерки коишто ќе резултираат со подобрување на условите за земјоделско производство во руралните средини, што крајно ќе влијае и врз севкупната економија. Преку мерките од Програмата за рурален развој, наменети за општините, тој истакна дека Владата на Република Северна Македонија има обезбедено 38 милиони евра кои општините ќе можат да ги инвестираат во капитални инвестиции за рурална инфраструктура, како и развој на рурален туризам.
Димковски истакна дека „ со соодветна поддршка и програмски пристап кон руралниот развој, избраните пилот заедници во рамки на новиот проект на ФАО и МЗШВ можат да бидат модел кој потоа би се применувал и во другите делови од земјата, за постигнување одржлив локален развој, обезбедување храна и ублажување на руралната сиромаштија во Република Северна Македонија”.
Семејните фарми произведуваат храна за значителен дел од светското население. Развoјот на нивниот потенцијал за производство на квалитетни производи и услуги на одржлив начин е клучно за постигнување на глобалните цели за искоренување на руралната сиромаштија, осигурување на доволно храна за сите и одржлив развој.