Денеска во Кочани, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, заедно со градоначалникот на општина Кочани, Николчо Илијев, одржаа работен состанок со земјоделци од кочанскиот регион.
На состанокот се разговараше за повеќе теми коишто се од интерес за земјоделците, односно состојбата со каналите за наводнување и одводнување, пристапните патишта до нивите, искористувањето на мерките од ИПАРД 2 програмата, справувањето со палењето на стрништата и друго.
Министерот Димковски посочи дека преку мерките од Програмата за рурален развој општините добија финансиска поддршка за капитални инвестиции во локалната патна и канализациона мрежа. Општина Кочани преку мерките од Програмата за рурален развој конкурираше со 3 проекти за инвестиции во изградба на локални патишта и улици, за што од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој доби финанасиска поддршка од 32,8 милиони денари. Дополнително, општината со уште еден проект конкурираше Центарот за развој на источен плански регион за изградба на пристапен пат, за што доби финансиска поддршка од 13 милиони денари.
Во однос на годинешната седиба на ориз, Димковски потенцираше дека во моментов активно се чистат каналите за наводнување и одводнување.
„Како ресорно министерство заедно со општина Кочани веќе ги преземавме сите потребни активности во делот на каналите за наводнување и одводнување, со цел да бидат подготвени за годинешната сезона за сеидба на ориз. Очекуваме за една недела да се објави јавна набавка со која за подржуниците на АД Водостопанство, меѓу кои е и подружницата во Кочани, ќе се направи една голема набавка во вредност од 50 милиони денари, со којашто ќе ги обезбедиме потребите на подружниците за резервни делови, градежни материјали и се друго што им е потребно, со цел целокупниот систем за наводнување да биде ставен во функција, за новата сезона за сеидба на ориз“, изјави министерот Димковски.
При тоа Димковски посочи дека се разгледува можноста како да им се помогне на локалните самоуправи во делот со справување со палењето на стрништа.
Градоначалникот на општина Кочани, Илијев, потенцираше дека општина Кочани интензивно работи на реконструкција и изградба на пристапните патишта до нивите, особено до површините на коишто годинава ќе се сее ориз. И градоначалникот Илијев, потенцираше дека се разгледуваат повеќе опции како локалната самоуправа да помогнеме во собирање на остатоците од посевите.