Димковски: Заедно со тимот ќе се фокусираме на успешно реализирање на започнатите проекти

Вести

Интервјуто е наменето за најновиот број на печатеното списание „Современо Земјоделство“.

 

Б.П.: Вие сте дипломиран земјоделски инженер, две години шеф на кабинет на досегашниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и 3 месеци раководител на Сектор за рурален развој при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство…која е разликата да се биде соработник и прв човек во министерството? Кои се предизвиците за вас?

Трајан Димковски: Земјоделството е комплексен сектор, предизвиците се големи и како такво  заслужува посебно внимание. Лично за мене, како нов министер, заедно со тимот, ќе се фокусираме на успешно реализирање на започнатите проекти. Тука би ги споменал проектите во делот на водостопанската инфраструктура, односно реконструкцијата и изградбата на системите за наводнување и браните, чијашто реализација ќе придонесе за зголемување на наводнуваните површини и за навремена достапност на вода за наводнување за земјоделските површини. Започнавме процеси за реформи во секторот, преку измена и носење на нови закони, во корист на земјоделството, како што се измените на Законот за вино и Законот за државно земјоделско земјиште, имплементација на новиот Закон за тутун и производи и тутун. Секако, со исто темпо ќе продолжиме со политиките во однос на ефикасната искористенот на мерките од ИПАРД 2 програмата, којашто е важна за модернизирање на земјоделството. Секторот шумарство и еден од секторите на којшто во следниот период ќе работиме во делот на одржливо управување со шумскиот фонд, како и креирање на политиките и спроведување на реформа во целокупниот шумарски сектор во Република Северна Македонија. Она што за нашите земјоделци е најважно, исплатата на субвенциите, како ресорно министерство заедно со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, воспоставивме пракса на навремена и неселективна исплата на субвенции, и со исто темпо ќе продолжиме и во следниот период. Две години по ред, земјоделците ги добиваат субвенциите тогаш кога им се потребни, пред почетокот на новата производствена сезона. Ги исплативме наследените долгови за субвенции од 2013, 2014 и 2015 година, а паралелно редовно се исплаќаат тековните субвенции. По овој основ досега се исплатени околу 290 милиони евра. Ова се само мал дел од мерките и политиките на кои ќе работиме во следниот период. Јас, како нов министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, одговорно и со задоволство ја преземав обврската успешно да ги продолжам сите започнати мерки и проекти, и она што е најважно овој период подготовките на целокупниот сектор за отворањето на поглавјата за земјоделство важни за претпристапниот дијалог со ЕУ. Нормално дека има разлика од позицијата соработник и прв човек на министерството, но има и предност а тоа е дека сум запознат со целокупната состојбата во секторот, со институцијата, со секоја мерка, политика и проект, што е олеснителна околност во насока на успешно продолжување на сето она што го започна претходниот  министер, Љупчо Николовски.

Б.П.:Колку земјоделскиот сектор во моментов придонесува за развој на  економијата во државата? И како според вас, ќе расте секоја следна година?

Трајан Димковски: Земјоделството е еден од носечките столбови на македонската економија. Затоа како Влада посветуваме посебно внимание на политиките кои ги спроведуваме за овој сектор, со посебен акцент на развојните мерки и проекти, како и нови инвестиции кои ќе придонесат кон забрзан раст на оваа стратешка економска гранка. Најголем доказ дека земјоделството започна да се движи во вистинска насока и дека политиките на МЗШВ и на Владата на РСМ даваат позитивни резултати, е зголеменото учество на земјоделството во вкупната економија во првиот квартал од годинава кое изнесува 13,6 отсто.  Преку континуираната и силна поддршка за земјоделството, градиме силна економија која отвора шанси за сите.

Б.П.:Може ли земјоделците да очекуваат пристап до нови државни парцели на кои ќе може да започнат сопствен агро бизнис?

Трајан Димковски: Изминатите две години интензивно работиме на ослободување на секое парче земја, објава на огласи и јавни повици, а крајната цел е ставање во функција на целокупното обработливо земјиште и враќање на земјиштето во рацете на вистинските земјоделци. Со спроведените мерки досега се ослободија 10.000 хектари државно земјоделско земјиште кое сега повторно преку огласи и повици се враќа кај земјоделците. За две години се склучија 700 договори за доделување државно земјоделско земјиште. Во склоп на овие огласи се објави наменски оглас за добиточна храна, што е важно за поттикнување на производство на домашна и поевтина добиточна храна. Го ставивме во владение земјиштето од поранешниот агрокомбинат Џумајлија, односно за објавениот оглас се склучија 8 договори за површина од 617 хектари. Еден од клучните огласи за доделување на државно земјоделско земјиште под закуп е инвестицискиот оглас, за којшто неодамна се потпишаа 17 договори со вкупна површина од 1.240 хектари. Вкупната инвестиција на сите овие договори е 11 милиони евра кои ќе се вложуваат во следните пет години во изградба на винарии, кланици, млинови, оранжерии и откупни центри. Преку овие инвестиции во земјоделската преработувачка индустрија ќе се создадат услови за обезбедување на сигурен пласман на земјоделските производи, решавање на проблемите со вишоците, како и отворање на нови работни места. Паралелно, МЗШВ објави еден јавен повик за доставување на понуди за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост за којшто се склучија 320 договори. Во собраниска процедура се измените на Законот за државно земјоделско земјиште коишто се сериозна реформа на целокупниот сектор и начин за отстранување на сите проблеми во доделувањето на државно земјоделско земјиште под закуп. Со новите измени ќе се придонесе за правилна и транспарентна распределба на државното земјиште и ставање во функција на целокупното расположливо обработливо земјиште. Акцент се става на младите земјоделци кои во првите 3 години од склучување на договорот ќе бидат ослободени од плаќање закуп. Наскоро ќе бидат објавени и два јавни огласи за давање на земјоделско земјиште во државна сопственост (до 3 ха и над 3 ха) во вкупна површина од над 6.700 ха.

Б.П.: По најавата за мерката за поддршка за активен женски член во земјоделското домаќинство со доделување на неповратни средства за жени претприемачи од рурални средини, до 3000 евра, жените-фармери се во исчекување да се објави повикот. Со овие измени, МЗШВ придонесува кон родова еднаквост и промовирање на принципот на недискриминација. Можете ли нешто конкретно да посочите за оваа мерка?

Трајан Димковски: Наша задача и обврска е да создадеме услови за зголемено учество на жените во агросекторот и да им помогнеме на жените земјоделки да го реализираат својот потенцијал и да придонесат кон вкупниот развој на земјоделството. Така, при конкурирањето за одредени мерки од европската ИПАРД Програма и од националната Програма за рурален развој, жените фармери имаат предност, односно добиваат повеќе поени при рангирањето. Со зголемување на бројот на жени кои ги користат европските фондови, директно го помагаме нивното учество во македонскиот агросектор и правиме значаен чекор напред во постигнување на родова еднаквост во земјоделството. Минатиот месец Владата ја усвои измената на начинот за остварување на правото за користење на мерката 115 „Поддршка за активен женски член во земјоделското домаќинство“, што е дел од Националната програма за развој на земјоделството и рурален развој за период од 2018-2022 година. Оваа мерка овозможува поддршка за активен женски член во земјоделското домаќинство. Конкретно, преку неа МЗШВ ќе доделува до 180 илјади денари еднократна и неповратна финансиска поддршка за инвестиции што ќе придонесат за развој на руралните средини на женски член на земјоделско стопанство запишано во ЕРЗС. Измените се направени по извршените консултации со Министерството за труд и социјална политика и Националната федерација на фармери. Министерството формираше  и работна група за родова еднаквост и зајакнување на жените, која е составена од сите чинители во процесот на зајакнување на позицијата на жените претприемачи во земјоделството. Работната група моментално работи на подготовка на правилник за критериуми за имплементација на оваа мерка. Оваа мерка ќе се имплементира преку следните видови на проекти: Преработка на земјоделски производи и Маркетинг активности, односно ставање на производи на пазар на продажба (со предност на директна продажба). Со оваа мерка ќе бидат опфатени секторите овошје, зеленчук, како и млекопроизводството. Планирано е првиот повик за оваа мерка министерството да го објави во текот на месец септември. Во меѓувреме, планирани се промотивни активности на терен, обуки за потенцијалните корисници на оваа мерка и други активности во соработка со разни донатори. Оваа мерка ќе придонесе кон родова еднаквост и кон промовирање на принципот на недискриминација. Мерката ќе се реализира со измена на Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2019 година.

Б.П.: Она што е последна новост е потпишувањето на договорот со компанијата Макпетрол за набавка на гориво за земјоделска механизација кога може да се очекуваат првите персонализирани картици?

Трајан Димковски: Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој го потпиша договорот за набавка на гориво за земјоделска механизација со компанијата којашто беше избрана за најповолен понудувач на тендерот тоа е „АД Макпетрол“.  Со потпишување на договорот практично се заокружува целиот процес за оваа мерка при што за кратко време, а компанијата во најкраток рок, но, не подолг од 60 дена до Агенцијата треба да ги достави изработените персонализирани платежни картички преку кои земјоделците ќе можат да точат гориво на сите бензински станици на Макпетрол низ државата. Очекуваме дека до крајот на месецот картиците ќе се стават во функција и мерката ќе им биде на располагање на земјоделците. Оваа мерка е едно од нашите клучни ветувања за првите две години од мандатот и го исполнуваме. Бидејќи се работи за нова мерка, за почеток државата ќе покрива 30 отсто од трошоците што земјоделците ги имаат за набавка на гориво за механизацијата, со можност овој процент во следните години да расте и до 50 отсто. За мерката од Програмата за директни плаќања обезбедивме 200 милиони денари, толку пари ќе се вратат назад кај земјоделците. Со оваа мерка ќе бидат опфатени 55.000 земјоделци, кои имаат градинарски и полјоделски култури, лозови и овошни насади. На носењето на оваа мерка претходеа опсежни анализи и процедури, коишто беа спроведени од тимови од МЗШВ и од Факултетот за земјоделски науки и храна, врз основа на кои се изработи метологијата за пресметка на процентот и трошоците што земјоделците ги имаат за набавка на гориво. Висината на поддршката по корисник е утврдена во зависност од големината на површината и типот на земјоделски култури што земјоделците ги произведуваат. Затоа и персонализираните платежни картички имаат определена висина на средства која зависи од големината на површините и земјоделските култури за кои конкурирале земјоделците за субвенции во 2018 година. Со нив ќе може да се точи исклучиво „Еуродизел“ гориво за земјоделска механизација. Со мерката ќе се придонесе за значително намалување на производствените трошоци, што за земјоделците ќе значи порентабилно производство и поголеми приходи.

М-р Билјана Петровиќ

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *