Историски ден за македонското земјоделство-доделени првите картички за „Зелена нафта“

Вести Градинарство Лозарство Механизација Овоштарство Полјоделство тутун

Историски ден за македонското земјоделство, денеска во Битола, во село Кравари се доделија првите картички за „Зелена нафта“.

На настанот присуствуваше претседателот на Владата Зоран Заев, Генералнот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, Министерот за земјоделство, Трајан Димковски, посебната советничка на претседателот на Владата, Ленче Николовка, директорот на АФПЗРР Николче Бабовски, заменик директорот на АФПЗРР Абдул Селам Селами, градоначалниците на општина Битола, Могила и Новаци и голем број на земјоделци.

-Од најголемата житница во нашата земја, од Пелагонија, го промовираме почетокот на реализацијата на мерката за поевтино гориво за земјоделската механизација. Со оваа мерка ќе бидат опфатени 55.000 земјоделци кои имаат градинарски и поледелски култури, лозови и овошни насади. Продолжуваме да ги слушаме потребите на земјоделците за тоа каков амбиент треба да создаде Владата за да имаат рентабилно и конкурентно производство – да заработат повеќе, рече денеска премиерот Зоран Заев.

Заев, во битолското село Кравари, придружуван од министерот за земјоделство Трајан Димковски, ги подели првите картички за „зелена нафта“ на земјоделци.

-Единствен услов да се користи картичката е да имаат аплицирано за субвенции за 2018 година. Методологијата односно пресметките се правени на основа на претходната година а земена како основа е вкупната површина и во зависност од која култура ја имаат. Субвенцијата најпрво ќе биде 30 проценти со тенденција да се зголеми до 50 отсто од малопродажната цена на горивото, истакна министерот Димковски.

Пресметката кој земјоделец колку пари ќе има на картичката ќе зависи од видот на производството кое го пријавил за субвенции. Со персонализираната картичка и со расположливата сума ќе може да се точи исклучиво „евродизел“ за земјоделската механизација. Целта е на овој начин да се поттикнат земјоделските производители да го окрупнат своето производство.

– Согласно методологијата, пример за хектар јаболка, круша, слива, вишна, кајсија, цреша, јагода на отворено, малина, капина и боровинка поддршката по хектар ќе биде 2.800 денари и во согласност со тоа колку хектари има пријавено толку ќе биде вкупната поддршка за самиот субјект. За пченица, јачмен, пченка, овес, `рж, овес, хељда изнесува 750 денари по хектар, за хмељ, лен, леќа, соја, сончоглед, добиточна репка, луцерка поддршката е 1.125 денари по хектар. Најнискиот износ ќе биде одобрен за мали производители околу 500 денари, а додека највисокиот износ е исто така лимитиран и ќе биде до 100 илјади денари, објасни Заев.

-Со доделувањето на првите персонализирани платежни картички, покажавме дека зборот важи. На само 10 дена од потпишувањето на договорот со операторот се доделуваат првите картички. Ова ќе биде голема помош за самите земјоделци, поевтинува процесот на производство а со тоа самиот производ добива дополнителна додадена вредност и подобра економија, истакна Бабовски.

-Историски ден за нас земјоделците, ќе ни помогне многу за обработка на земјата, за да можеме да конкурираме со другите земји, со поевтина нафта да обработуваме и да бидеме поконкурентни, изјави Бурим Банушевски од село Меџитлија.

Распределбата на картичките ќе продолжи во Прилеп, Кривогаштани, Штип и Свети Николе, а во наредните денови и до другите подрачни единици.

Средствата на картичките треба да се искористат до крај на април 2020.

М-р Билјана Петровиќ

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *