Едукативна работилница посветена за есенската сеидба и начините на ѓубрење во организација на здружението за земјоделци „Современо Земјоделство“

Вести Совети

Здружението за земјоделци „Современо Земјоделство“ вчера организираше едукативна работилница пред почетокот на есенската сеидба на тема: „ПОДГОТОВКА ЗА ЕСЕНСКА И ПРОЛЕТНА СЕИДБА – КАКО И СО ШТО ДА СЕ НАЃУБРУВА?“ која се одржа во салата на Агенцијата за поттик и развој на земјоделството, Дирекција-Битола.

На работилницата присуствуваа 50 гости -земјоделци, професори, агрономи, сите со една цел, да научат нешто повеќе за воведувањето на новите методи кај житните култури и пченката.

Работилницата започна со предавање на земјоделскиот менаџер во ЗК Пелагонија и земјоделски производител во Бугарија, господинот Павел Стоименов, кој презентираше „Како земјоделците да се справат во тешка ситуација, како да се излезе од маѓепсаниот круг на старите технологии, да се намалат трошоците и да се зголемат приносите“.

Последната реколта, како советник за земјоделство во ЗК Пелагонија, значително ги зголеми приносите кај житото и пченката, токму со воведување на нови технологии, со многу помали трошоци, а поголема заработка и поголем квалитет на производите.

-Сите знаеме различни начини на обработка на земјата, но сите главно се задржуваат на старите технологии. Јас препорачувам, сега за подготовка на есенската сеидба да не орате, само да подривате. Тоа е најпотребно и најефикасно, верувајте. Јас работам на тој принцип и тука и на моите земјоделски површини во Бугарија. Исто така, пченката ја одгледуваме без наводнување, истакна Стоименов пред присутните кои со големо внимание го слушаа, воодушевени од неговото широко познавање.

 

Стоименов додаде дека користи само течно ѓубриво, во комбинација со мала количина на хемија, од познатата фирма Bayer.

-Сите земјоделци треба да се трудат да не ја трујат земјата со различна непроверена хемија…се случува еден земјоделец и по 3-4 пати да наѓубрува, а нема никаква добивка, само ја труе земјата и растението. Доволно е еднаш да се наѓубри, но со правилно избрано ѓубриво, истакна Стоименов.

Сите присутни едногласно се согласија со господинот Стоименов, а еден од присутните, Цане Дургутовски, земјоделец од село Долно Српци, само потврди дека се што кажува Стоименов, видел со свои очи, како вработен во ЗК Пелагонија.

-Од почеток се чудев, што прават овие бугарите, ништо нема да има ефект, како без орање, како без наводнување…но кога дојдоа резултатите, буквално се фатив за глава. Ова е чудо, господинот Павел е чудо што му се случи на Пелагонија и многу се радувам што денес имам прилика да бидам одблиску со него и да се запознаам со неговите технологии, истакна Дургутовски.

Дел од предавачите беше и бугарскиот агроном Иван Анастасов кој презентираше на тема „Користење на соодветна хемија,  ѓубриво, во соодветна количина“. 

„Биоаграр“ од Ресен со претставникот Ангела Ѓероска Ѓуровска презентираше за „Придобивки од примената на нови технологии во ѓубрењето“ и го нагласи препаратот Панамин кој најмногу помага за зголемување на приносите но исто така го ревитализира растението од шокови, град, мраз и слично. Присутни беа и земјоделци на кои пролетта нивите со тутун им беа погодени од град, а Биоаграр во соработка со Современо Земјоделство, направија хуманитарна акција и бесплатно делеа Панамин, со што резултатите беа повеќе од очекуваното не само кај тутунот туку и кај градинарските култури.

 

-Повеќе од 5 години се трудиме да го воведиме органското производство во државата и чекор по чекор успеваме. Покрај Панаминот, официјално започнуваме да работиме и со Оргалајф течните ѓубрива, истакна Ѓероска Ѓуровска.

Присутен беше и господинот Слободан Вуксановиќ кој е претставник за Оргалајф течните ѓубрива. На работилницата ги истакна сите предности од користењето на органските ѓубрива но препорача дека за почеток е добро земјоделците да прават комбинација од хемиските препарати кои се навикнати да ги користат и Оргалајф за прочистување на почвата и зголемување на приносите.

Свое излагање имаше и господинот Блашко Јосифовски, кој е официјален претставник за фирмата Bayer во Македонија. Тој ги презентираше најбараните и најефективните препарати од неговата компанија а ги нагласи и оние кои конкретно ЗК Пелагонија ги употребува во комбинација со природни течни ѓубрива.

-Јас сум повеќе од 20 години во земјоделството, и кон вас не настапувам како продавач на препарати туку како советник, кој го сака најдоброто за земјоделството во државата. Имаме одлична соработка со многу големи компании од Македонија, вклучително и со ЗК Пелагонија и Павел Стоименов, со кои со заедничка соработка и совети успеваме да комбинираме препарати се со цел да ги намалиме трошоците а да ги зголемиме приходите. Тоа треба да биде главна цел за сите нас, бидејќи единствено без земјоделството не се може, посебно во земјоделска држава како нашата, истакна Јосифовски.

Во делот посветен за прашања од присутните, покрај земјоделците се вклучија и советници од АПРЗ, кои ја поздравија идејата за одржување на оваа работилница, нешто што и тоа како беше потребно во овој период, истакнаа и свои совети на темата апо коментарите зошто советниците не се како порано низ полето меѓу земјоделците, истакнаа дека барањето ќе се разгледа, бидејќи само на тој начин со добри совети земјоделството може да оди напред.

На крајот од работилницата, присутните имаа неформално дружење со закуска и пијалок.

Повеќе фотографии на нашата фан страна на facebook: https://www.facebook.com/sovremenozemjodelstvo/

 

М-р Билјана Петровиќ за Современо Земјоделство

 

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *