Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО), во партнерство со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), денеска го започна проектот под наслов ‘’Поддршка за решавање на приватно-јавната сосопственост со цел подобрување на управувањето и владеењето со земјоделското земјиште во Пелагонискиот регион’’.

Овој проект ќе одговори на предизвиците со кои се соочуваат над 2.000 сопственици на земјиште, покривајќи вкупно 18.000 хектари земја.
Целта на воведната работилница беше да ги информира сите релевантни засегнати страни, вклучувајќи претставници од институции, локалната самоуправа, земјоделци, членови на локалната заедница, земјоделски организации и академската заедница, за планираните активности на проектот, очекуваните резултати и можностите за вклучување во имплементацијата на проектот.

На работилницата воведни говори имаа Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски и Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.
Презентации одржаа Г-дин Мортен Хартвигсен, главно техничко лице и службеник за земјиште во Регионалната канцеларија на ФАО за Европа и Централна Азија, Г-ѓа Кристина Митиќ Арсова-Национален координатор на програмата на Фао, Г-дин Мортен Кристгард, Меѓународен консултант за евалуација во Фао.
„Денеска заедно со претставниците од ФАО сме во општина Битола, на расправа каде што се поканети и земјоделците, настанот означува отпочнување на проектот за решавање на децениски проблем кој што го имаат преку 2.000 земјоделци од овој регион“, истакна министерот Трипуновски.
Тој додаде дека досега земјоделците не беа во можност да го користат земјиштето за земјоделско производство заради сосопственост со државата. Но, со овој проект би се овозможило негово максимално користење.
Во својот говор, градоначалникот Коњановски, посочи дека Пелагонија, навистина има голем земјоделски потенцијал, но и многу предизвици за земјоделците:
„Особено ми е драго што ја добиваме оваа поддршка од ФАО и Министерство за земјоделство, за надминување на долгогодишни предизвици во насока на зголемена продуктивност и подобрена земјоделска ефикасност низ нашиот регион. Со решавање на проблемите со сосопственост помеѓу државата и приватните сопственици, ќе можеме да го поттикнеме целосниот потенцијал на нашето земјоделско земјиште, рече тој.

Г-ѓа Кристина Митиќ Арсова-Национален координатор на програмата на Фао, направи успешна презентација на проектот на Фао за техничка соработка, додека Г-дин Мортен Хартвигсен, главно техничко лице и службеник за земјиште во Регионалната канцеларија на ФАО за Европа и Централна Азија, ги презентираше европските искуства со доброволна консолидација на земјиштето и подобрено управување со земјиштето. Г-дин Мортен Кристгард, Меѓународен консултант за евалуација во Фао, презентираше за планираната проценка на социо економското влијание на првата целосно завршена постапка за консолидација на земјоделско земјиште во село Егри, општина Битола.
Преку работилницата успешно се истакна комплексноста и предизвиците околу сосопственостa на земјоделското земјиште во Пелагонискиот регион, и се потенцира заедничката визија: подобрување на управувањето со земјиштето, решавање на конфликтите и подобро искористување на богатиот земјоделски потенцијал на Пелагонискиот регион.
На работилницата присутни беа и Директорот на Агенцијата за поттик и развој на земјоделството, М-р Пеце Стојковски, и раководителот на МЗШВ ПЕ Битола Стојан Христовски.
Модератор на настанот беше М-р Билјана Петровиќ, Национален експерт за партиципативен пристап и развој на заедницата во канцеларијата на Фао во Северна Македонија, која 10 години успешно ги спроведува проектите за консолидација на земјоделско земјиште.
„Современо Земјоделство“