Говедарска фарма – календар со активности за јануари

Вести Совети Сточарство

Во зимските месеци вниманието кон животните не треба да слабее. Крајните економски резултати бараат одржување на висока продуктивност преку целата година. За добивање на повеќе и поквалитетно млеко соодветно на расата, наследните и индивидуалните карактеристики на животните, потребно е да се посвети сериозно внимание на исхраната на кравите во зимскиот период од годината, како најважен и клучен услов.

Дажбите за кравите треба да ги содржат потребните хранливи материи: протеини, јаглени хидрати, масти и да бидат богати со витамини, минерални материи и др. Во зима, дажбите за кравите се состојат од концентрирана храна, сено, сочна фуражна храна (силажа, сточна репка и др.), како и други кабасти и помалку квалитетни хранива (слама, плева, растителни остатоци од пченка). Обично кравите се хранат 2-3 пати на ден.

Различните видови на храна им се даваат по следниов редослед: концентрирана, сочна (или и двете истовремено) и на крај кабаста сточна храна. Пожелно е пред давањето храната да биде претходно обработена – исечкана, меласирана, запарена итн. Кога е во мала количина, сеното се дава наутро и на пладне во мали порции.

Во зима кравите се напојуваат онолку пати колку пати што се хранат, па ако не им е осигурен постојан пристап до вода, или водата е замрзната, треба да се усогласат со условите. Остатоците од храна во јаслите треба да се чистат пред секое следно хранење на кравите, за да се избегнат гниењето и ферментацијата. На 100 кг жива мера се дава 1-1.5 кг сено и 3-5 кг силажа. Количеството на концентрирана сточна храна (житарици, трици, ќуспиња, и др.) зависи од дневната млечност на кравата – се дава 200- 300 g на 1 литар млеко. Кај нископродуктивните животни – со млечност за лактационен период од 1800-2200 л и 3,8-4% масленост на млекото во текот на зимата, на кравите им се дава по 4-6 килограми сено, 2-4 кг слама и растителни остатоци од пченка, 20-25 кг сочна сточна храна (силажа и репка) и по 2-3 кг концентрирана сточна храна дневно.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *