Хоџа: МЗШВ ќе биде партнер на земјоделците и на откупувачите

Вести

МЗШВ ќе биде партнер со земјоделците, а заедно со нив ќе биде и партнер со откупувачите за да можеме да го зајакнеме земјоделството како гранка, бидејќи од тоа зависи и развојот на економијата на нашата држава, порача новиот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Аријанит Хоџа по преземањето на должноста од неговиот претходник Трајан Димковски.

-Мило ми е што во Министерството наоѓам тим што сработил и има добри проекти што се во тек, но ние можеме уште повеќе и уште подобро да работиме. Приоритет ќе ни биде да бидеме партнери со земјоделците и откупувачите за заеднички да ја развиеме оваа гранка. Воедно приоритет ќе ни биде и усогласувањето на законодавството со европското за да можеме побрзо да ги завршиме пристапните преговори и побрзо да пристапиме до фондовите како сите други европски држави. Преку земјоделството ќе се потрудим да отвориме самовработување за земјоделците за да можат да имаат достоен живот и нивната иднина да ја градат тука во нашата држава и на тој начин да можеме да го искористиме целиот труд на земјоделците за да одиме напред, рече Хоџа.

МЗШВ, како што истакна, е комплексно Министерство и голем предизвик за него и за партијата што го предложила за да можат да работат во интерес на земјоделците.

Поранешниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски се заблагодари на сите кои, како што рече, во изминатиот период работеле со него и му помогнале да донесат напредок во македноскиот агросектор и на земјоделците за нивната искрена и отворена комуникација.

-Ми беше огромна чест во овој период од нешто повеќе од една година да ја извршувам функцијата министер и заеднички со мојот тим да придонесеме за развој на овој клучен економски сектор. Во изминатиот период работевме на развојни политики за поставување на земјоделството на вистинскиот пат. Се соочивме со многу предизвици, дел предизвикани од природни појави, дел од политички причини и со еден од најголемите предизвици годинава – вирусот Ковид-19, но заеднички и во координација со земјоделците и стопанствениците во агросекторот секогаш носевме мерки и решенија за справување со секој проблем и за покренување на земјоделството во нагорна линија, рече Димковски и додаде дека е убеден дека новиот министер успешно ќе ги продолжи започнатите мерки и процеси и во следниот четиригидишен мандат заеднички ќе работат на креирање на политики за развојно и модерно земјоделство.

Тој потсети на дел од преземените мерки во изминатите три години, преку кои, како што рече, МЗШВ покажа грижа за земјоделството и оти во секоја ситуација е со земјоделците, а воедно и воспостави пракса на навремена и неселективна исплата на субвенциите за земјоделците. За рекордни над 53 проценти, како што посочи, се зголеми и искористеноста на мерките од ИПАРД програмата. Најави дека со помош од Светска банка ќе се градат откупно-дистрибутивни центри за земјоделски производи во скопскиот, ресенскиот и струмичкиот регион.

МИА

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *