Ипард 2, мерка 1: Кој може да аплицира, услови, прифатливи трошоци, потребни документи

Вести Огласи

Мерка 1 од ИПАРД е веќе најавена и се очекува да излезе повикот. Информирајте се дали ги исполнувате условите и за што можете да аплицирате:

КОЈ МОЖЕ ДА АПЛИЦИРА

Земјоделско стопанство

  • Физичко лице (носител на семејно земјоделско стопанство);
  • Индивидуален земјоделец – ИЗ;
  • Правно лице.

Задруги

ПРОИЗВОДНИ КАПАЦИТЕТИ СО КОИ ТРЕБА ДА РАСПОЛАГА БАРАТЕЛОТ

Растително производство

  • Минимум 0,1 ха за инвестиции во расадници;
  • Минимум 0,3 ха за инвестиции во повеќегодишни култури и пластеници;
  • Минимум 0,5 ха за инвестиции во градинарско производство на отворено;
  • Минимум 1 ха за инвестиции во житарици, индустриски култури и фуражни култури;
  • Минимум 1 ха во случај на инвестиции во земјоделска механизација.

Сточарско производство

  • 5 крави/12 телиња за инвестиции во говедарство;
  • 15 овци/кози за инвестиции во овчарство/козарство;
  • 16 маторици/300 прасиња за инвестиции во свињарство;
  • 1 400 бројлери/700 несилки за инвестиции во живинарство (со исклучок на патки, гуски, мисирки, фазани, ноеви, ему и бисерки).

Кај сточарското производство бараниот капацитет треба да биде достигнат на крајот на инвестицијата.

ЕКОНОМСКА ОДРЖЛИВОСТ

Економската одржливост на инвестицијата барателот ја докажува преку:

  • Технички предлог проект (за инвестиции до 50.000 €);
  • Деловен план (за инвестиции над 50.000 € и кога барателот е земјоделска задруга)

СОПСТВЕНОСТ НА ЗЕМЈИШТЕ

За земјиштето и/или објектите кои се предмет на инвестицијата барателот треба да докаже:

  • Сопственост;
  • Договор за закуп (најмалку 7 години од денот на поднесување на барањето).

ВИСИНА НА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА

Висината на финансиската поддршка изнесува 60% од вкупните прифатливи трошоци на инвестицијата.

Висината на финансиската поддршка ќе се зголеми до:

  • 65% за инвестиции во земјоделски стопанства реализиарани од страна на млади земјоделци;
  • 70% за инвестиции во земјоделски стопанства во планинските области.

Финансиската поддршка ќе се зголеми за 10% за:

  • Инвестиции кои се однесуваат на системи складирање и управување со арско ѓубре;
  • Инвестиции за подобрување на ефикасноста од употребата на азотни ѓубривa и сл;
  • Инвестиции во објекти/опрема, чија цел е подобрување на енергетската ефикасност;
  • Инвестиции во објекти/опрема за производство на био-енергија;
  • Инвестиции во објекти/опрема за производство на енергија од другите обновливи извори за задоволување на сопствените потреби за енергија на земјоделско стопанство;
  • Инвестиции во објекти/опрема за третман на отпадни води/канализација.

Минимална вредност на вкупните прифатливи трошоци за инвестициски проект – 3.000 €.

Максимална вредност на вкупните прифатливи трошоци по еден корисник изнесува 1.500.000 

за целиот период на спроведувањето на Програмата.

Идни инвестиции

Барателите може да поднесат повеќе проекти во рамките на оваа мерка во текот на спроведувањето на Програмата, под услов максималните вкупни прифатливи трошоци (до 1.500.000 €) да не бидат надминати и претходните проекти да бидат реализиарни (исплатени на корисникот).

ПРИФАТЛИВИ ТРОШОЦИ

Материјални инвестиции

  • Набавка на градежни материјали и елементи за изградба или реконструкција на згради и објекти
  • Набавка на нова земјоделска механизација, машини и опрема
  • Набавка на повеќегодишни растенија (освен хибриди)

НАПОМЕНА: НАБАВКА НА ТРАКТОР НЕ Е ПРИФАТЛИВ ТРОШОК ВО ОВОЈ ЈАВЕН ПОВИК

Нематеријални инвестиции

  • Стекнување со патентни права и лиценци Компјутерски софтвер вклучувајќи софтверски лиценци
  • Инсталација на опрема (со исклучок на сервис)
  • Изградба / реконструкција (вклучувајќи технички надзор)
  • Услуги за садење и обновување на насади.

Општи трошоци

  • Подготовка на техничка документација, градежни планови и придружни студии
  • Подготовка на Технички предлог проект / Деловен план: пресметка на трошоци, анализи, анализи на пазарот, маркетинг анализи
  • Подготовка на документи за проценка на влијанието на проектот врз животната средина
  • Управување со проекти

Општите трошоци како што се надоместоците за архитекти и инженери и консултанти, физибилити студии, стекнување со патентни права и лиценци не можат да надминат 12% од вкупните прифатливи трошоци на инвестицијата. Специфичните пониски граници може да се утврдат во зависност од типот на инвестицијата.

Трошоци за специфични информативни и рекламни активности на ниво на проект, кои се во надлежност на корисниците:

  • Билборди
  • Плакети
  • Налепници и др.

Трошоци кои не се прифатливи за финансирање преку овој повик:

  • Даноци, вклучувајќи данок на додадена вредност;
  • Царини и увозни давачки, и слични давачки;
  • Купување, изнајмување или закуп на земја и постојни објекти, независно од тоа дали закупот резултира со пренесување на правото на сопственостна закупецот;
  • Парични казни, финансиски казни и трошоци од судски спорови, камата на долг;
  • Оперативни трошоци;
  • Половни машини и опрема;
  • Банкарски трошоци, трошоци за гаранции и слични давачки;
  • Трошоци за менување валута, давачки и загуби во размена поврзани со ИПАРД евро сметката, како и други чисто финансиски трошоци;
  • Придонеси во натура;
  • Купување на права за земјоделско производство, животни, едногодишни растенија и нивно засадување;
  • Трошоци за оддржување, амортизација и трошоци за наем.

СПЕЦИФИЧНИ КРИТЕРИУМИ

  • Инвестициите за наводнување се наменети за воспоставување на нови и/или санација/надградба на постоечките системи за наводнување;
  • Прифатливи се инвестиции во воспоставување/модернизација на пластеници и стакленици (традиционални фолии (тунели), не се прифатливи);
  • Лозите/лозовиот саден материјал – да се во согласност со Националната сортна листа или со Општиот каталог на сорти на вино и сорти на винова лоза и подлоги на ЕУ;
  • Лозовите насади – да се регистрирани во Националниот регистар на лозови насади;
  • Одгледувалиштата на домашни животни да обезбедуваат доволно простор и опрема за одгледување на крајот на инвестицијата;
  • Инвестициите во сточарско производство, треба да докажат дека објектите се обезбедени или да предложат инвестиции во системи за управување на арското ѓубре;
  • Инвестиции за производство на енергија од обновливи извори – само за задоволување на сопствените потреби на земјоделското стопанство;
  • Барателите кои се занимаваат со интензивно свињарство/живинарство, можат да предложат инвестиции за воспоставување на интегрирани еколошки барања.

НАЧИН НА АПЛИЦИРАЊЕ

За поднесување на барања за користење на средства од ИПАРД Програмата 2014-2020, потенцијалниот корисник на средствата треба да поднесе „Барање за користење на средства од ИПАРД Програмата 2014- 2020“ по соодветната мерка. Барањето треба да биде јасно, читливо и недвосмислено пополнето на македонски јазик и кирилично писмо. Заедно со барањето треба да бидат доставени и сите пропратни општи и посебни документи соодветно на типот на инвестиција.

Барањата, комплетирани со целокупната документација, затворени во плик на кој на горниот лев агол да пишува „НЕ ОТВАРАЈ за Јавен повик ИПАРД бр. 01/2020“ како и мерката за која се поднесува барањето, да бидат доставени по препорачана пошта на адреса:

Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој
ул. „3-та Македонска бригада“ бр. 20
зграда на Македонија Табак блок Ц
1000 Скопје
Република Северна Македонија

или лично на рака во писарницата на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР), на истата адреса.

Потребните обрасци од „Барањето за користење на средства од ИПАРД Програмата 2014-2020“ како и „Упатство за корисници на средства од ИПАРД Програмата 2014-2020“ во кој се содржани сите информации за критериумите, условите за прифатливост на проектите и условите за финансирање и останати информации кои се неопходни за изготвување на барање за користење на средства од ИПАРД Програмата 2014-2020, во електронска верзија може да се превземат на интернет-адресата на Агенцијата: www.ipardpa.gov.mk

ПОТРЕБНА ДОКУМЕНТАЦИЈА

Долунаведените документи кои се доставуваат во прилог на барањето за користење на средства од ИПАРД Програмата (2014-2020) треба да се оригинал или копија заверена на нотар, доколку не е поинаку определено покрај самиот документ. Доколку документацијата е на друг јазик истата треба да биде придружена со превод на македонски јазик заверен од овластен преведувач. Документите кои што се издаваат врз основа на јавните книги или востановен систем на евиденција не треба да бидат постари од три месеци сметано од денот на објавување на јавниот повик, со исклучок на документите кои го потврдуваат исполнувањето на обврските за платени даноци и придонеси кој не треба да биде постар од еден месец сметано од денот на објавување на јавниот повик.

1. Комплетно пополнето барање за мерка „Инвестиции во основни средства на земјоделски стопанства”

2. Копија од лична карта или пасош од одговорното лице на барателот

3. Копија од трансакциската сметка на Барателот

4. ИЗЈАВА НА БАРАТЕЛОТ ДЕКА НА КРАЈОТ НА ИНВЕСТИЦИЈАТА ЌЕ СЕ РЕГИСТРИРА ВО РЕГИСТАРОТ НА ЗЕМЈОДЕЛСКИ СТОПАНСТВА (Овој документ се доставува во случај кога барателот предлага нова инвестиција во сточарското производство).

5. ДОКАЗ ЗА ЗАВРШЕНО ОБРАЗОВАНИЕ (НАЈМАЛКУ СРЕДНО ОБРАЗОВАНИЕ) НА БАРАТЕЛОТ-ФИЗИЧКО ЛИЦЕ ИЛИ ОДГОВОРНО ЛИЦЕ НА ПРАВНОТО ЛИЦЕ ИЛИ ЗЕМЈОДЕЛСКА ЗАДРУГА, ИЛИ МИНИМУМ 3 ГОДИНИ ИСКУСТВО ВО ЗЕМЈОДЕЛСКО ПРОИЗВОДСТВО, ПРЕРАБОТКА ИЛИ УСЛУГИ ПОВРЗАНИ СО ЗЕМЈОДЕЛСТВО (ИЛИ ДОКАЗ ЗА ПОСЕТЕНА ОБУКА ОД ЗНАЧЕЊЕ НА ИНВЕСТИЦИЈАТА, ИЛИ ПОТПИШАНА ИЗЈАВА ДЕКА БАРАТЕЛОТ СЕ СОГЛАСУВА ДА УЧЕСТВУВА НА ПРОФЕСИОНАЛНА ОБУКА ОД ЗНАЧЕЊЕ ЗА ИНВЕСТИЦИЈАТА

6. КОПИЈА ОД АКЦИОНЕРСКА КНИГА И ПРОПРАТНО ПИСМО (Овие документи се задолжителни во случај кога барателот е акционерско друштво).

7. ДОКАЗ/ПОТВРДА ДЕКА НАЈМАЛКУ ЕДНО ОДГОВОРНО ЛИЦЕ Е ВО РЕДОВЕН РАБОТЕН ОДНОС ВО ПРАВНИОТ СУБЈЕКТ ИЗДАДЕДЕНА ОД АГЕНЦИЈАТА ЗА ВРАБОТУВАЊЕ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА, ИЛИ ДОКАЗ ДЕКА НАЈМАЛКУ ЕДНО ОДГОВОРНО ЛИЦЕ Е АНГАЖИРАНО СО ДОГОВОР, ИЛИ ДОКАЗ/ ПОТВРДА ДЕКА НАЈМАЛКУ ЕДНО ОДГОВОРНО ЛИЦЕ Е ПРИВРЕМЕНО ВРАБОТЕНО ВО ПРАВНИОТ СУБЈЕКТ ИЗДАДЕДЕНА ОД АГЕНЦИЈАТА ЗА ВРАБОТУВАЊЕ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА (Потврдата е задолжителна во случај кога барателот има регистрирано фирма односно во случај на нова инвестиција еден од овие документи треба да биде доставен до крајот на инвестицијата). Под нова инвестиција се подразбира инвестиција предложена од ново регистрирана фирма која сеуште нема поднесено годишна даночна пријава или постоечка фирма која предлага инвестиција во сосема нова дејност, пример: фирмата се занимава приоритетно со производство на млеко а предлага инвестиција во подигање на овошни насади. Во случај кога барателот ќе го достави договорот, одговорното лице мора да биде регистрирано во Агенцијата за вработување како привремено вработен во фирмата-барател. (Доказ дека одговорното лице е во редовен работен однос е задолжително за барателите: правни лица и задруги).

8. ДОКАЗ ЗА ПОДМИРЕНИ ОБВРСКИ ПО ОСНОВ НА ДАНОЦИ, ПЕНЗИСКО И ИНВАЛИДСКО ОСИГУРУВАЊЕ И ЗДРАВСТВЕНО ОСИГУРУВАЊЕ

9. ИЗЈАВА НА БАРАТЕЛОТ ДЕКА НА КРАЈОТ НА ИНВЕСТИЦИЈАТА ЌЕ БИДЕ РЕГИСТРИРАН ЗА ВРШЕЊЕ НА ДОПОЛНИТЕЛНА ДЕЈНОСТ (ЗА ПРЕРАБОТКА НА ЗЕМЈОДЕЛСКИ ПРОИЗВОДИ) НА ЗЕМЈОДЕЛСКО СТОПАНСТВО (Овој документ е задолжителен во случај кога барателот е семејно земјоделско стопанство кој предлага нови инвестиции односно барателот не е регистриран за вршење на дополнителна дејност во моментот на поднесување на барањето).

10. Доказ дека барателот не е во постапка на стечај

11. Доказ дека барателот не е во постапка на ликвидација

12. Доказ дека против барателот не е изречена прекршочна санкција забрана на вршење професија, дејност или должност и привремена забрана за вршење одделна дејност

13. Имотен лист за објект, и/или за земјиште Напомена: Во случај доколку има договор за закуп или концесија за имотот кој е предмет на инвестиција истите треба да бидат прибележани во имотниот лист.

14. Договор за закуп за објект и/или земјиште Договор за закуп за објект и / или земјиште се доставува доколку се планира ивестиција на објект и/или земјиште кои се изнајмени.

15. Договор за концесија на земјиште Договор за концесија на земјиште се доставува доколку се планира инвестиција на земјиште кое се користи под концесија

16. Доказ за редовно подмирени обврски по основ на договор за кредит во случај кога банката има воспоставено залог врз имотот, впишан во релевантниот имотен лист, предмет на инвестиција.

17. ДОЗВОЛА ЗА КОРИСТЕЊЕ НА ВОДА ЗА НАВОДНУВАЊЕ Напомена: овој документ треба да се достави во случај на инвестиција во системи за наводнување

18. ДОКАЗ ЗА ПЛАТЕНИ ОБВРСКИ ЗА КОРИСТЕЊЕ НА ВОДА ЗА НАВОДНУВАЊЕ Напомена: овој документ треба да се достави во случај на инвестиција за надградба/рехабилитација на постоечки системи за наводнување а се поврзани со колективните системи за наводнување на АД Водостопанство

19. РЕШЕНИЕ ЗА ОДОБРЕН ЕЛАБОРАТ ЗА ЗАШТИТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА, ИЛИ РЕШЕНИЕ ЗА ОДОБРЕН ЕЛАБОРАТ ЗА ЗАШТИТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА СО ОДОБРЕН АКЦИСКИ ПЛАН, ИЛИ А ИЛИ Б ИНТЕГРИРАНА ЕКОЛОШКА ДОЗВОЛА, ИЛИ ОДОБРЕНО БАРАЊЕ ЗА ИЗДАВАЊЕ НА А ИЛИ Б ИНТЕГРИРАНА ЕКОЛОШКА ДОЗВОЛА, ИЛИ БАРАЊЕ ЗА ИЗДАВАЊЕ НА РЕШЕНИЕ ЗА ОДОБРЕН ЕЛАБОРАТ ЗА ЗАШТИТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА, ИЛИ ПОТВРДА ДЕКА ЗЕМЈОДЕЛСКОТО СТОПАНСТВО (БАРАТЕЛОТ) НЕ Е ОБВРЗАН ДА ИЗГОТВИ ЕЛАБОРАТ ЗА ЗАШТИТА НА ЖИВОТНА СРЕДИНА • Документот се однесува на целокупното земјоделско стопанство. • Документот е издаден од страна на локалната самоуправа или Министерството за животна средина и просторно планирање; Документот се однесува за баратели кои имаат регистрирано или предлагаат инвестиции во производство на млеко, месо, јајца, постбербени активности и преработка на земјоделски производи на земјоделското стопанство.

20. ИЗЈАВА НА БАРАТЕЛОТ ДЕКА Е ЗАПОЗНАТ СО УСЛОВИТЕ ПРОПИШАНИ ВО ЛИСТАТА НА ПОСЕБНИ МИНИМАЛНИ УСЛОВИ ЗА ДОБРА ЗЕМЈОДЕЛСКА ПРАКСА И ЗАШТИТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА ОБЈАВЕНИ ВО „СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА БР. 178/2015“ И ДЕКА ИСТИТЕ ЌЕ ГИ ПОЧИТУВА И СПРОВЕДУВА НА ЦЕЛОТО ЗЕМЈОДЕЛСКО СТОПАНСТВО ПРЕД ДОСТАВУВАЊЕ НА БАРАЊЕТО ЗА ИСПЛАТА.

21. • Една понуда издадена од добавувач за секоја ставка/ група на ставки (функционално зависни) со износ помал од 10.000 евра придружена со техничка спецификација и изјава за земја на потекло за секоја ставка/ група на ставки

22. Три понуди издадени од различни независни добавувачи за секоја ставка/ група на ставки (функционално зависни) со износ поголем од 10.000 евра придружени со техничка спецификација и изјава за земја на потекло за секоја ставка/ група на ставки. Напомена: ставките/групата на ставки од еден добавувач не треба да бидат вештачки поделени со вредност под 10.000 евра со цел прибирање само една понуда. • Доколку ставките се меѓу себно функционално зависни, пример претсатвуваат една производна целина, а се издадени од еден добавувач, ќе се третираат како една група на ставки.

23. Копии од лиценци за градба за релевантната категорија на градба за секој понудувач

24. Копија од документ кој ќе содржи податоци за сопственичката структура за сите странски добавувачи

25. Копија од акционерска книга за сите понудувачи кои се регистрирани како акционерски друштва

26. Изјава од барателот со објаснување на причините за избор на конкретната понуда во случај кога избраната понуда не е со најниска цена Напомена: во споредба на цените се земаат цените без изразен ДДВ.

27. Договор за општи трошоци Договор се доставува доколку општите трошоци не се реализирани и не се исплатени

28. Фактура за општи трошоци Фактура се доставува доколку општите трошоци се реализирани и исплатени

29. Извод од банка со кој се потврдуваат платените општи трошоци Доколку општите трошоци се реализирани и исплатени, тогаш се доставува извод од банка

30. Една понуда издадена од добавувач за секоја ставка/ група на ставки за општи трошоци со износ помал од 10.000 евра

31. Три понуди издадени од различни добавувачи за секоја ставка/ група на ставки за општи трошоци со износ поголем од 10.000 евра

32. • Одобрение за : • изградба на нов обејкт • реконструкција на постоечки објект • адаптација на постоечки објект • доградба на постоечки објект • надградба на постоечки објект • поставување на опрема за производство на енергија од обновливи извори на енергија • изведена состојба или изјава од барателот дека релевантното одобрение ќе се достави до денот на донесување на решението за одобрување на барањето за финансиска поддршка но не подолго од 1 година од денот на поднесување на барањето или потврда од релевантната институција дека за предложената инвестиција не е потребно одобрение за градба

33. Решение за промена на инвеститор или изјава од барателот дека релевантното решение ќе се достави до денот на донесување на решението за одобрување на барањето за финансиска поддршка но не подолго од 1 година од денот на поднесување на барањето Решение за промена на инвеститор се доставува само доколку одобрението за градба не е издадено на име на Барателот

34. Копии или електронска форма (цд) од основните технички цртежи и предмер – пресметка од ревидирана техничка документација за • изградба на нов обејкт • реконструкција на постоечки објект • адаптација на постоечки објект • доградба на постоечки објект • надградба на постоечки објект • поставување на опрема/инсталација за производство на енергија од обновливи извори на енергија изведена состојба

35. Времена ситуација/состојба за сите завршени градежни работи Времена ситуација се досатвува само доколку барателот има изградено дел од објектот кој е предемет на инвестиција и за истиот не бара финансиска поддршка

36. ДЕЛОВЕН ПЛАН ЗА ИНВЕСТИЦИИ СО ВКУПНА ПРИФАТЛИВА ВРЕДНОСТ НАД 50.000 ЕВРА

37. ТЕХНИЧКИ ПРЕДЛОГ ПРОЕКТЗА ИНВЕСТИЦИИ СО ВКУПНА ПРИФАТЛИВА ВРЕДНОСТ ПОД 50.000 ЕВРА

Потребните формулари за аплицирање може да се подигнат во:

Министерство за земјоделство шумарство и водостопанство
Тело за управување со ИПАРД
Аминта III бр.2
Скопје

Тел.: 02/3134-477 локал 113,114,115

www.ipard.gov.mk

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој
III Македонска бригада бб.
Скопје

Тел.: 02/3097-460

www.ipardpa.gov.mk

Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството
Климент Охридски бб, Пелагонка II
Битола

Тел.: 047/228-330 и 047/228-370

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *