Се одржа манифестацијата Избор на најуспешни во областа на земјоделството за 2025 година во организација на ЗЗ Современо Земјоделство.

“Најуспешни во областа на земјоделството 2025“, традиционално се организира од 2018 година и веќе осум години ова е ден кога се собира целата земјоделска заедница – заедно да го чествуваат трудот, визијата и успесите на оние кои го движат современото земјоделство напред.
Мисијата со оваа манифестација отсекогаш била јасна: да се вреднуваат најдобрите, да се поттикне иновацијата, да се поддржи младата генерација, да се охрабри улогата на жените, да се зачува семејното стопанство и да се негува земјоделската традиција.

-Особено сум горда што низ годините интересот и учеството растат. Гласањето за признанијата стана симбол за фер и транспарентен процес, а најдобрите – како и секогаш – ќе бидат препознаени и наградени. Токму тие се пример дека и покрај предизвиците, со посветеност, работа и знаење можеме да создадеме современо, конкурентно и одржливо земјоделство. Денес овде ја гледам иднината на македонското земјоделство – младите кои носат нови идеи, жените кои се потпора во руралните заедници, семејствата кои генерации ја продолжуваат традицијата и компаниите и институциите кои се силни партнери на земјоделците, истакна претседателката Билјана Петровиќ.

Пред започнувањето на свечениот дел, најмладите членови на Фолклорниот ансамбл Битола, преку традиционалната игра покажаа дека земјоделството и културата се нераскинливо поврзани – коренот што нè одржал и што ќе нè води и во иднина.
Првата категорија беше посветена на младите. Тие се енергијата, визијата и силата која ја движи иднината на земјоделството. Со својата храброст и нов пристап тие докажуваат дека земјоделството може да биде современо и успешно. Младиот земјоделец со сопствен труд, поседува своја земјоделска механизација, а сака да покаже дека младите луѓе можат да останат во државата, да вложуваат и да успеат со чесна работа. Верува дека земјоделството е иднината за сите и дека преку него може да се игзради подобар живот.
1. 🏆 „Млад земјоделец на годината – за извонреден придонес и развој на модерното земјоделство“
– Петар Ацевски село Долна Чарлија

Жените во земјоделството се темелот на семејството, заедницата и традицијата. Со својата посветеност и труд тие се двигатели на развојот во руралните средини.
Добитничката е претседател на здружение на жени Силата на бабата, и активно се бори за правата на жената во земјоделскиот сектор но и генерално за правата во општеството.
2. 🏆 „Жена на годината во земјоделството – за извонреден придонес во развојот на земјоделството и руралните заедници“
– Верка Котевска село Новаци

Иновацијата е патот кон напредок. Ова признание го слави трудот на оние кои се охрабруваат да воведат нови технологии и современи практики, правејќи го земјоделството поконкурентно и поефикасно.
3. 🏆 „Иновативен земјоделец – за воведување на нови технологии и унапредување на современите земјоделски методи“
– Стевче Симјановски, Агроземо ДООЕЛ село Кравари

Семејството е срцето на македонското земјоделство. Заедничкиот труд и љубовта кон земјата се најголемата вредност што се пренесува од генерација на генерација.
4. 🏆 „Семејно стопанство на годината“ – за предводнички придонес и развој на земјоделството и сточарството
– Љупчо Таневски село Крклино

Традицијата е нашата сила. Ова признание им припаѓа на оние кои успеваат да ја зачуваат и пренесат семејната традиција во земјоделството, претворајќи ја во двигател на развојот.
5. 🏆 „Земјоделска традиција – за одржување на семејната традиција и придонес во развојот на земјоделството“
– Борче Џумковски, ДООЕЛ Фарма Драги и Роза село Логоварди

Македонија отсекогаш била препознатлива по овоштарството. Ова признание им припаѓа на оние што вложуваат посебна посветеност и постигнуваат исклучителни резултати во оваа гранка. Јаболкото отсекогаш било симбол на плодност и богатство. Современиот пристап во овоштарството гарантира квалитет што ја претставува нашата земја со гордост.
6. 🏆Признание за „Посветеност и извонредни резултати во современото овоштарство – јаболка“
– Елвис Кузевски село Бистрица

Сточарството и овчарството се темел на традиционалното производство и квалитетната храна. Ова признание го доделуваме за посветеност и за афирмација на сирењето како македонски бренд.
7. 🏆 Признание за„Придонес во сточарството и овчарството и афирмација на квалитетното производство на сирење“
– Дејан Горгиевски – Мандра Пелистерски Овчи производи, село Трново

Признанија за компании и институции:
Нашата култура е дел од нашето земјоделство – без песна и оро нема вистинска жетва.
Признание добива ансамбл, кој постои веќе 31 година, низ својата богата историја воспитува и инспирира многу генерации деца, давајќи им можност да учат, да негуваат и да пренесуваат нашето богатo македонско фолклорно наследство. Со посветеноста на својот претседател, како и на сите педагози и членови, ансамблот не само што ги чува традициите, туку и ги поттикнува младите да се гордеат со културното наследство, да ја развиваат љубовта кон народната песна и оро, и да продолжат да го негуваат овој бесценет дел од нашата идентификација.
1. 🏆 „Афирмација и промоција на македонскиот фолклор и традиција преку песна и игра“
– Фолклорен ансамбл Битола, претседател Борис Рутевски

Следната добитничка на признание е дел од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството веќе 18 години, а последните пет години успешно ја извршува функцијата раководител на подрачната единица за Пелагонискиот регион. Со своето долгогодишно искуство како советник и посветена работа, таа е двигател на бројни активности во поддршка на земјоделците. Особено оваа година, кога беа објавени повеќе повици од националната програма и од ИПАРД 3, Пелагонија предничи со најголем број на апликации.
2. 🏆 „Посветено раководење и континуирана поддршка на земјоделците и руралниот развој во регионот“
– Мирјана Милинг, Раководител на АПРЗ за Пелагонискиот регион

Следниот добитник е човек со долгогодишно професионално искуство и посветеност во областа на јавната администрација и образованието. Веќе една година е директор на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството. Со своето визионерско лидерство и богато искуство, тој дава силен придонес во унапредувањето на земјоделството и руралниот развој на национално ниво. Како што советниците активно ги поддржуваат апликантите, тој, како директор, успешно ја менаџира целата активност, обезбедувајќи ефективна реализација на повиците и развојните иницијативи.
3. 🏆 „Визионерско лидерство и придонес во унапредувањето на земјоделството и руралниот развој на национално ниво“
– Пеце Стојковски, Директор на АПРЗ

Следниот добитник – ја продолжува долготрајната и успешна традиција на семејниот бизнис. Се започна пред 35 години, кога основачот Светислав Славко Петровиќ ја создаде компанијата Синпекс, со визија, труд и голема љубов кон она што го работеше. Денес, на чело на компанијата се неговите деца, Христина Фуна и Синиша Петровиќ, кои со неизмерна посветеност, мудрост и љубов кон семејниот бизнис ја водат компанијата кон нови височини. Тие секојдневно се пример за лидерство и посветеност, вложувајќи време, знаење и енергија за развојот на компанијата. Не само што ги носат одлуките и ги водат тимовите, туку и внимателно го негуваат семејното наследство, пренесувајќи го своето искуство и страст на новата генерација. Всушност низ годините, тие создадоа средина во која новата генерација може да учи, да расте и да го продолжи наследството, а еден од нив е младиот Светислав Петровиќ. Со својот труд, енергија и иновативност, тој ја продолжува семејната традиција, гради иднина и ги инспирира сите околу себе.
4. 🏆 „Млад лидер кој ја продолжува и унапредува традицијата на Синпекс – компанија со 35 години искуство во продажбата на трактори и приклучна механизација“
– Светислав Петровиќ, ДОО Синпекс

По завршувањето на официјалниот дел, повторно настап имаа децата од Фолклорниот ансамбл Битола.

Веднаш потоа имаше неофицијално дружење на сите гости кои воедно и дегустираа од традиционалната храна подготвена од вредните раце на над 20 жени изложувачи на мини саемот. Исто така и компанијата Синпекс ги изложи своите производи a претседателката Билјана Петровиќ на сите земјоделци кои добија признание им додели и ваучер од 2000 денари за купување производи од брендот ЕМТОП.
За забавниот дел беше задолжен Томче Јанкуловски.
На крајот уште еднаш се обрати Петровиќ: -Денес заедно имавме чест да ги прославиме најуспешните во областа на земјоделството за 2025 година. Со овие признанија уште еднаш потврдивме дека земјоделството е сила што не обединува, што ја храни нашата земја и што ја гради иднината на нашите семејства и заедници. Наградените денес се вистински пример за тоа како со труд, посветеност и љубов кон земјата може да се постигнат големи резултати. Но, оваа манифестација е посветена и на сите земјоделци – познати и непознати, кои секојдневно вложуваат напор за да го има на нашата трпеза најдоброто од Македонија, истакнаа таа.
Веруваме дека оваа убава традиција ќе продолжи уште многу години.







