Како до поголеми приноси кај пченката

Вести Полјоделство Совети

Како топлољубиво растение, пченката е култура која во својот развој бара доволно топлина и е осетлива на ниски температури и недостиг на вода. Минималната температура за почетен раст и развој изнесува 8°С, а во вегетацијата до 12°С. Оптималниот развој на растението е на температури помеѓу 25 и 32,8°С (дневни) и 16,7 и 23,3°С (ноќни).

Плодоредот е значајна агротехничка мерка во интензивното производство која овозможува ефикасна борба со плевелите и штетниците.

Најдобри преткултури за пченката се зрнестите легуминозни култури, стрните жита, тревно-легуминозните смески, потоа компирот, гравот, сојата и други култури. При монокултурно одгледување на пченката или во плодоред, особено е важно користењето на хербициди и инсектициди за заштита од плевели и штетници. Третирањето со хербициди (Liturex 50 ЅС 1,5 -2,5 I/hа) по сеидбата, а пред никнувањето на пченката, е задолжително за сузбивање на плевелите. Аплицирањето на инсектицид (Pyrinex 48 ЕС 4-6 I/ hа) со инкорпорација пред сеидбата е неопходна мерка во заштита на семето и младите растенија од телени црви и совици.

Успешното производство на пченка во голема мера е детериминирано од правилниот избор на квалитетни семиња. Користењето отпорни и соодветни хибриди за климатските и почвените типови од проверени добавувачи се пракса која треба да ја применува секој фармер.

Најпогодни типови на почва за одгледување на пченка се плодни, длабоки, растресити и структурни почви, а со послаби резултати се одгледува на песокливи и глинести почви. Како оптимална Рh вредност се зема опсегот 7,5-8,5, а неповолни се киселите почви. Пченката е осетлива на солени почви, а оптималниот број на растенија по хектар се движи помеѓу 70.000 до 80.000. Спроведувањето на почвената анализа треба да се применува секоја година, со што би се создале услови за правилен избор на семе и програма за исхрана на пченката. Пченката е култура која е силно зависна од наводнувањето. Потребата од вода се зголемува во месеците кога испарувањето го достигнува својот максимум, јуни, јули и август, во периодот кога растението цвета, се опрашува и оплодува, па се до налевање на зрното. Тоа се периоди кога количествата врнежи се минимални или целосно отсуствуваат, а нивниот пороен карактер ги измива хранливите елементи од почвата.

Наводнувањето како агротехничка мерка е задолжителна и може да се изведува по бразда, со пивот центар и линеарни системи, распрскувачи и со системот капка по капка.

 

Автор: инж. агр. Иван Постоловски

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *