Канадска компанија за преработка на канабис преку Македонија ќе ја освојува Европа

Вести

Канадската компанија од Ванкувер, ICC International Cannabis Corp, ќе произведува канабис и производи од канабис од Македонија и истиот ќе го извезува во Европа откако соопшти дека е склучен дефинитивен договор за стекнување на 100 отсто од сопственоста над Balkan Cannabis Corp, која веќе ги има потребните лиценци за одгледување и екстракција на канабис во Македонија.

“ICC International Cannabis Corp. ќе ја искористи широката мрежа на Balkan Cannabis, за да го искористи вториот бран на легализација на канабисот во Европа”, се вели во соопштението на компанијата. На Балканот единствено само во Македонија и Бугарија е легализирано одгледувањето на марихуаната за медицински цели, а тоа канадската компанија сака да го искористи за пробив како главен извозник во Европа.

Според условите на договорот компанијата ќе издаде 61.000.000 акции, се вели во извештајот. Balkan Cannabis Corp има подружница со 67% учество во Македонија, каде има ексклузивен договор со постоечки лиценциран објект за преработка кој се наоѓа на парцелата од 30 хектари во Валандово.

“Нашата амбиција е да станеме пан-европски извозник на медицински канабис и производи од коноп, како и да се етаблираме  како континентален производител за да одговориме на зголемената домашна побарувачка”, рече компанијата.

Balkan Cannabis, исто така, поседува 50% во бугарска компанија, која поседува лиценци за производство и извоз на коноп и медицински канабис. Бугарската компанија поседува парцелa од 15.000 хектари, со двегодишна опција да се здобијат со дополнителни 15.000 хектари. Деталните планови за финансирање на бугарските и македонските капацитети се очекува да бидат објавени во јануари 2019 година.

Премиерот Зоран Заев минатиот месец во Стопанската комора ги повика бизнисмените да инвестираат во погони за производство на масло од канабис и производство на канабис. Според него, овој бизнис е извозно ориентиран и е многу доходовен.

– Вкупно 99,8 отсто од производството е наменето за извоз и на економијата ќе и обезбеди нови 100 милиони евра приход – рече Заев, кој тогаш соопшти дека се размислува и за одгледување на неколку нови сорти на канабис кои не се штетни за здравјето на луѓето, но ќе обезбедат приход за земјодлеците.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *