Колку заработува винарија „Тиквеш“

Вести Винотека Лозарство

„Тиквеш“ има одлична година, неговите приходи од продажба за првите девет месеци ја надминаа психолошката бариера од една милијарда денари. Растат приходите од продажба, расте добивката, а понатаму рак-рана се високите финансиски трошоци, но се со тенденција на намалување.

Најголемата македонска винарија „Тиквеш“ за првите девет месеци годинава оствари приходи од продажба кои надминаа 17 милиони евра, покажуваат официјалните резултати од неконсолидираниот биланс објавен на берзата. Вкупната продажба во однос на истиот период лани пораснала за 9 отсто, а домашната продажба е поголема за 6 отсто и достигна близу до 10 милиони евра. Од странските пазари компанијата има прилив од 7,24 милиони евра.

Бруто добивката на „Тиквеш“ за првите девет месеци е речиси 6 милиони евра, а оперативната добивка на компанијата е 1,74 милиони евра и е за 33 отсто поголема од истиот период лани.

Милион евра добивка за девет месеци!

Финансиските расходи и понатаму се значајна ставка која негативно влијае врз добивката на компанијата. За првите девет месеци за камати „Тиквеш“ платил повеќе од 412.000 евра. Сепак резултатот е неспоредливо подобар од лани кога за истата намена „Тиквеш“ платил повеќе од 600.000 евра.

Најголемата винарија ги стопли срцата на своите акционери. Годинава за првите девет месеци нето добивката ја проби границата од 1 милион евра. Во споредба со истиот период лани годинава скорот е фантастичко подобар. Добивката годинава е за 2,25 пати поголема од профитот остварен во првите девет месеци лани.

Добивката по акција за првите девет месеци е 3,7 евра. Солидните резултати на „Тиквеш“ во комбинација со нискиот „фрифлоат“ на таа акција резултираа со тоа пазарната цена да достигне 5.500 денари, а рекордното ниво годинава беше и 6.000 денари за акција.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *