Квалитетот и субвенциите ја кренаа цената на тутунот до 300 денари за килограм

Вести тутун

Проблемите со откупот на тутунот, кои се појавија во некои региони во државата, се надминати и досега се откупени 90 отсто од годинашната реколта. Проблемите се однесуваа на несоодветното сортирање и мешање на класите. Тутунопроизводителите годинава главно се задоволни од откупната цена и велат дека родот годинава е со многу поголем квалитет во однос на минатата, кога поради обилните врнежи и неповолните временски услови, имаа неквалитетна берба.

-Задоволен сум од процената, тука немам забелешки, се почитуваат договорите, мострите, но сметам дека во иднина процената треба да се врши во три класи, со што ќе се зголеми и просечната цена на реколтата. Зашто, реално сите цени се зголемени, стандардот се намалува, а ние стоиме во место. Од друга страна, тутунопроизводството е тешка работа, напорна, цела година по нивите и тоа цело семејство, вели Кире Мирчески, тутунопроизводител од Прилепско.

Во Струмичкиот регион откупот се одвива нормално и со предвидената динамика, а постигната моментна просечна откупна цена изнесува 225 денари за килограм што е за 15 денари повисока од лани. Се очекува до крајот на откупната сезона, која законски завршува на 15 март, да се откупат и преостанатите количини тутун од ланската реколта.

-Очекувавме дека ќе има послаб род во споредба со 2018 година, но топлите есенски денови им овозможија на тутунарите да го соберат тутунот од нивите и затоа повторно имаме околу 2,5 милиони килограми тутун, вели Марјан Трајков од Здружението на тутунопроизводители „Басмак“ од Василево.

Постигнатата просечна откупна цена досега изнесува 225 денари која, заедно со субвенциите, достигнува и до 300 денари за предаден килограм тутун.

И во Пијанец годинава откупот на тутун е зголемен за 40 проценти во однос на минатата година. Ова според Светлана Мановска, раководител на финансии во „Далија табак” Делчево, се должи на подобрите услови за одгледување на тутунот поради што и тутунарите имаа подобри приноси.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *