Ленче Николовска: Каде без ЕДУКАЦИЈА на земјоделците?

Вести

Речиси 20 години ја следам состојбата во македонскиот аграр и исто толку време сум во постојана комуникација со земјоделци, агробизнисмени, откупувачи, трговци и институции на државата задолжени за овој сектор. Речиси 20 години, а сигурно и пред тоа, главно мото за развој на земјоделството, е потребата од едукација на земјоделските производители. На име на едукација изминативе години се потрошија стотици илјада евра домашни средства како и пари од ЕУ  проекти или грантови од други држави. Во овој процес покрај институциите се вклучија многу невладини организации и земјоделски здруженија, федерации и асоцијации. Парите главно се оправдуваа преку трибини, работилници, средби, печатени и видео материјали…ефектите мали или никакви. Зошто?

Не се водеше сметка на пристапот до земјоделецот, не се разговараше со него на  „јазикот“ кој го познава- едноставно и разбирливо, а нивната недоверба во институциите ја манифестираа со тешко прифаќање на нешто ново и непознато.

Нашиот земјоделец верува само ако слушне на телевизија, ако каже министерот или ако види кај соседот. Токму затоа кампањите од јавен интерес се клучни за поголема едукација на земјоделските производители како услов за реформа во аграрот.

За што треба да се едуцираат земјоделските производители?

Прво колку е важно тие да здружуваат во земјоделски здруженија, сојузи, федерации, задруги или кооперативи. Примерот со Словенија и Турција е најдобрата потврда за важноста на здружувањето. Во Словенија има 90 000 земјоделски производители и сите до еден се во земјоделски здруженија кои потоа задолжително членуваат со Агрокомора каде што има 300 советници кои ги плаќа државата за да може да работат на терен со нив и да ги приближуваат сите мерки и програми кои ги носи владата. Во Турција пак, земјоделските здруженија се договараат со трговците од прва рака, без посредници и на тој начин имаат поголема заработка. Во Словенија  исто така има примери каде 1600 млекопроизводители имаат своја млекарница и секој месец заеднички седнуваат со менаџментот и ја договараат цената.

Кога македонските земјоделци ќе пристапат кон некое здружение, задруга или федерација тогаш нема потреба секој од нив да знае како се аплицира за ИПАРД, кога има излезено оглас за земја под концесија или дали е почната исплата на субвенциите. Тоа ќе го прават неколку луѓе кои ќе бидат задолжени за овие информации и потреби на земјоделците. Потоа не мора сите да имаат механизација за различни агротехнички мерки, а пласманот ќе оди полесно бидејќи сите тие ќе имаат производство кое ќе може континуирано да снабдуваат некој трговски ланец. И сега повторно доаѓаме до нашиот менталитет на меѓусебна недоверба и загледување кој колку ќе заработи. Но ако се проба и ако се види ефектот односно кога сите ќе имаат бенефит од здружувањето преку повеќе пари кои ќе ги заработат, тогаш веќе заедничкиот интерес ќе биде поголем од негативните појави наметнати од менталитетот и средината.

Потребна е  едукација на земјоделците за договорно производство?

Главен проблем сеуште на земјоделците е пласманот на земјоделските производи. Една од причините е делувањето секој посебно и садење или сеење без да се знае на кого ќе му се продаде родот. Затоа развојот на договорното производство во кое откупувачот ќе дава регрес семе, репроматеријали и ќе го гарантира откупот е вистинско решение. За да немаме повторно проблем со  недовербата и непочитувањето на договорите од двете страни, тука е државата која ќе ја одигра медијаторската улога преку надгледување на целиот процес, од склучување на договорите до предавање на родот кај откупувачот. Исто така и субвенционирањето ќе се насочи со особено внимание кон ваквите производства кои ќе имаат сигурен пласман. Сега ќе започне таква кампања за договорно производство на сончоглед со што ќе се овозможи враќање на оваа култура на македонските ниви.

Но договорноро производство  не е нешто ново кај нас,  само што досега не функционираше повторно поради изгубената доверба меѓу двете страни. Имаме примери од минатото кога откупувачот не плаќа  или земјоделецот го продава родот на друг ако му понуди повисока цена.Токму затоа ставањето во еден систем на сите чинители заедно со владата е важно за успех на процесот.

Едукација за нови и модерни технологии кои ќе придонесат за конкурентен производ и поголем профит.

Агросекторот подразбира земјоделски производители, откупувачи но и дистрибутери на репроматеријали и механизација . Кога сите чинители ќе се вклучат заеднички во поголема едукација ефектот ќе биде значително поголем. Нивниот заеднички интерес може да биде добра поддршка за вкупниот аграр. Земјоделецот мора да види и да се убеди за какво семе се работи, колку род дава сортата, колку може да се зголеми приносот со некој нов препарат кој можеби чини пари но на крајот сепак ќе се исплати. Дистрибутерите добро е да се вклучат во регресирање на производството за да ги убедат земјоделците за квалитетот на нивниот производ.Тие сепак се финансиски посилни и би требало да „подметнат рамо“ на почеток на партнерскиот однос со земјоделците.

Едукација да се произведува органска храна, која е хит во ЕУ, а кај нас има идеални услови, потоа  подигнување на свеста кај земјоделците за осигурувањето на производството или приносот, информации за позитивни искуства од земји членки на ЕУ …сето ова е потребно како процес и  ќе се  одвива во годините што доаѓаат. Агенцијата за поттикнување на земјоделството и руралниот развој, заедно со земјоделските здруженија ќе ја одиграат клучната улога во едуцирањето на земјоделските производители, а Владата и МЗШВ со сите други мерки и програми во пакет ќе ја предводат реформата во аграрот.

Ленче Николовска

Посебен советник за земјоделство, шумарство и водостопанство на Претседателот на Владата на РМ

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *