МЗШВ: Ќе се излезе на терен и ќе се утврди точниот број на овци

Вести Совети Сточарство

Платежната агенција има пријавено 710.000 овци, а од Асоцијацијата на земјоделци велат дека во Македонија има околу 450.000 овци. Затоа бараат да се изврши повторно броење на овците и да се утврди точниот број за да нема злоупотреба на субвенциите.

Во земјава никој не знае колку овци имаме. Според податоците на Асоцијацијата на земјоделци на пасиштата има околу 450.000 овци, а официјално субвенции се земаат за над 700.000 овци. Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство информираа дека по завршувањето на откупот на јагнето и по вториот круг на претстојните претседателски избори ќе се излезе на терен и ќе се утврди точниот број на овци за да се преземат соодветни мерки.

Овчарите и Министерството за земјоделство долго време не можеа да се договорат ниту за бројот, ниту за цената на јагнешкото. По предлогот на МЗШВ секое здружение треба да испрати пополнет прашалник за сите трошоци што ја формираат производната цена, истата ќе се спореди со анализите на Министерството со цел да се дојде до реална производна цена за да може да се подготви соодветно решение за одгледувачите на овци.

Овчарите велат дека не се посветува доволно внимание на оваа стопанска гранка и покрај тоа што девизниот прилив од извоз на јагне во државата изнесува 15 милиони евра. За разлика од нас, Србија од 100.000 овци некогаш, сега има четири милиони, но дава 65 евра субвенција, а не 15 евра како кај нас.

И Ефтим Шаклев од Асоцијацијата на земјоделци смета дека мора да се преброи точниот број на овци за да нема злоупотреба на субвенциите.

– За исплата на субвенции Платежната агенција има пријавено 710.000 овци, што не се ни согласуваме. Затоа бараме да се изврши ревизија, да се изврши повторно броење на овците и веруваме дека ќе се појават голем број на фантомски одгледувачи. Парите што ги земаат фантомските одгледувачи повторно ќе бидат наменети за сточарството и ќе бидат распределени. Јас мислам дека тие пари ќе ја покријат разликата на јагнето меѓу производната и продажната цена, вели Шаклев.

Тој смета дека во изминатите години за намалување на сточниот фонд влијаеше иселувањето на младите од селата, но и ниската откупна цена на јагнето, млекото, како и високите плати кои одгледувачите ги даваат на овчарите. Платата на еден овчар се движи од 800 до 900 евра.

Шаклев потенцира дека ресорното министерство има разбирање за проблемите во сточарство и веќе во таа насока се направени и повеќе разговори и средби, а по изборите смета дека сточарите ќе добијат и одредени субвенции со цел да им се ублажи состојбата.

Според информациите од МЗШВ веќе се прави ревизија, односно попис на овците на терен, со што ќе се прекине со манипулациите и ќе се овозможи правилно субвенционирање на вистинските сточари, со цел да се зголеми и сточниот фонд.

Агенцијата за храна и ветеринарство до крајот на јуни  ќе заврши со пописот и ќе излезе со точен број на овци што е важно за прецизно дефинирање на политиките на среден, но и на долг рок, како и за правилна распределба на субвенциите за овчарството.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *