Избор на сорти – Кога станува збор за избор на сорти, мора да се обрне внимание да се користат сорти кои се помалку подложни на оваа појава, но треба да се напомене дека не постои идеална сорта која потполно е отпорна на пукање на плодот. Со избор на сорти кои се помалку подложни на пукање се избегнуваат поголеми загуби.
Физичкото отстранување на вишокот вода – Пукањето на подот може доста да се намали доколку се отстрани вишокот вода (кај младите насади се применува рачно тресење на стеблата после дожд, а кај постарите насади се користат атомизери, кои со дување на воздух вршат отстранување на водата од плодот). Овие методи се помалку ефикасни и затоа ретко се користат.
Покривање на насадот – Ова е најефикасна, а воедно и најскапа варијанта за спречување на пукањето на плодот, бидејќи е потребно да се постави покривна конструкција над стеблата за заштита од дожд која се состои од столбови, жици и пластична фолија со дебелина од 0,2 мм. Со овој метод се добиваат добри резултати во поглед на приносот и квалитетот на плодот, но можат да се појават и некои несакани ефекти како што се: температурата под фолијата може да биде повисока од потребната што може да предизвика опекотини на листот, а исто така може да дојде до зголемување на влажноста на воздухот што може да доведе до габични заболувања. Овие проблеми се решаваат со покривање само на горната страна над стеблата, а страничните страни да останат отворени за циркулација на воздухот.
Во поново време се развиени две конструкции за заштита од дождот и тоа: систем со една жица и систем со три жици на редовите. За двата системи како потпора се користат дрвени столбови со висина од 5м и пречник од 10 сантиметри кои во редовите се поставуваат на растојание од 12 м. Столбовите се закопуваат во земја 1-1,2м. За на краевите на редовите се препорачуваат подебели столбови со пречник од 14 сантиметри. Насадот се прекрива со фолија, три недели пред бербата. Во последно време заштитата од пукање на плодовите се комбинира со заштита од град.
Хемиска заштита – Пукањето на плодовите значително може да се намали со употреба на минерални соли и тоа најчесто со соединенија на калциум, најчесто хлорид, кој го зајакнува клеточниот ѕид на плодот, а со тоа се спречува и пропустливоста на кутикулата за вода на плодот. Со прскање се почнува 3-4 недели пред берба, а ефектите од прскањето зависат од местоположбата, количеството на врнежите и од сортите.
Антиперспиранти се вештачки емулзии кои го прекриваат плодот во вид на тенок слој и на тој начин спречуваат навлегување на водата во плодот, но во најголем број случаи немат некој значителен ефект, а може да предизвикаат дури и поголемо пукање на плодовите.
Навлажнувачи – тоа се соединенија кои го намалуваат површинскиот напон на течностите и влијаат на разбивање на капките вода на површината на плодот, а на тој начин овозможуваат побрзо испарување и апсорпција на вода во самиот плод. Со добро третирање, плодот се суши за 1,5-2 часа.
Растителни регулатори на раст – Како средства против пукање можат да се користат и растителните регулатори на раст и тоа гиберлинска киселина (GA), а-нафтил оцетна киселина и др. Нивните ефекти зависат од времето на тестирање и од должината на влажнење на плодот.
Сите овие мерки за заштита од пукање на плодот кај црешата не даваат 100% заштита. Која мерка ќе биде употребена, зависи од можностите на одгледувачите.
„Современо Земјоделство“