Николовска: Сеидбата на сончогледот е во тек, ќе го следиме производството до откуп

Вести Полјоделство

Во тек е сеидбата на сончогледот од проектот Договорно производство кој заедно со земјоделците и откупувачот – фабриката „Благој Ѓорев“ го започнавме минатата година. Интересот, според склучените договори и согледувањата на „Асоцијацијата на производители на сончоглед“ е голем и годинава се очекува зголемено производство, за разлика од лани.

За оваа цел се формираше работна група од претставници на институциите, земјоделците и откупувачот. Првичното барање на земјоделските производители беше да се зголемат субвенциите за што МЗШВ излезе во пресрет и годинава значително се зголемија субвенциите. Исто така, преку Државниот земјоделски инспекторат ќе се следи почитувањето на договорите, заради сигурност на двете страни и како трет чекор во овој процес е едукацијата на земјоделските производители со цел да добијат повисок и поквалитетен принос.


Токму затоа, во просториите на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството во Битола имавме средба на која присуствуваа претставници на Асоцијацијата на производители на сончоглед, Ангела Ѓеровска и Никола Петковски, директорот на агенцијата Елгафер Јусуфи и раководителите на регионалните канцеларии на АПРЗ.


Идејата е да се ангажираат советниците да го следат производството на сончоглед и во соработка со Асоцијацијата да им се помогне на земјоделците да произведат поголем квалитет и принос. На тој начин ќе се достигне приносот од 1.500 килограми од хектар и ќе се исполни условот за субвенциите кои до 20 ха се близу 400 евра од хектар. Исто така на овој начин ќе им се исплати повеќе берзанската цена по која ќе се откупува сончогледот од страна на фабриката „Благој Ѓорев“.


Во следниот период ќе се екипираат советници кои ќе имаат и обуки за ова производство, ќе имаат сознанија за сите новитети и модерни технологии кои ќе им ги пренесуваат на терен на земјоделците. 


Процесот ќе го заокружиме со следење на производството до самиот откуп и исплата на сончогледот, согласно договорот со откупувачот.

Се надевам на добра реколта, зголемено производство и намалување на одливот на девизи од државата за увоз на индустриски сончоглед и развојна компонента на субвенциите кои ќе дадат позитивен ефект, односно ќе „регрутираат“ нови производители и обработка на земјоделски површини кои досега беа необработени или одличен плодоред на пченицата и јачменот.

Ленче Николовска – посебен советник за земјоделство на Претседателот на Владата.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *