Николовски: Поголем приход во земјоделството и подобри услови за младите земјоделци

Вести

Намалување на трошоците за земјоделско производство, зголемување на приходот на земјоделците, мерки за ефикасна искористеност на парите од европските ИПАРД Програми, повисоки плати за работниците во земјоделскиот сектор, мерки за младите да останат во земјоделството – ова беа само дел од политиките што ги презентираше министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски на трибината со земјоделци од источниот регион, што се одржа во Штип, во саботата.

Министерот Николовски посочи во изминатите 10 месеци политиките на Владата на Република Македонија во делот на земјоделството, се во насока на намалување на трошоците во земјоделското производство што ќе придонесе за создавање на конкурентни производи, но и зголемување на приходите на земјоделците. Во таа насока се мерките за поврат на персоналниот данок и за евтина зелена нафта за механизацијата.

„Имаме вредни земјоделци, нивниот труд мора да се цени и плаќа, земјоделецот не може да биде веќе аргат на својата земја. Затоа се насочивме кон неколку области, прво да ги намалиме производствените трошоци, да ги вратиме парите кај земјоделците и кај граѓаните, и да го зголемиме нивниот приход. За таа цел ги усвоивме измените на Законот за персонален данок со кои го подигнавме прагот и земјоделците со основна дејност со приход до 1 милион денари ќе имаат право за поврат на данокот. Со оваа мерка дополнително се враќаат пари во буџетот на земјоделците. Во понеделник во Собрание влегуваат измените на Законот за земјоделство и рурален развој со кои се воведува новата мерка за евтина зелена нафта, што ќе се имплементира преку нови зелени вредносни картици. Со тоа драстично ќе се намалат производствените трошоци на земјоделците“, изјави министерот Николовски.

При тоа Николовски посочи, дека исплатата на субвенциите се одвива континуирано и неселективно. Во овие 10 месеци се исплаќаа субвенции и за заостанати години, редовно и тогаш кога им се најпотребни на земјоделците.

Преку субвенциите се стимулира создавање на рентабилно земјоделско производство. Министерот Николовски потенцираше дека е воведен  нов модел за повисоки субвенции за тутунот, 20 отсто повисоки субвенции за растително земјоделство и 10 отсто за сточарско производство за категоријата на земјоделци со развоен потенцијал, со цел да се мотивираат земјоделците. Дополнително, се работи на поголема искористеност на средствата од ИПАРД, кои се важни за модернизирање на производството и реализација на крупните проекти како проектот за консолидација на земјоделско земјиште, за реонизација, за задругарство, кои се важни за окрупнување на земјоделството.

 

Последните статистички податоци покажуваат пораст на платите во секторот земјоделство, шумарство и рибарство. Платите на вработените во овој сектор, односно на работниците во земјоделските производствени и преработувачки капацитети на годишно ниво се покачени за 12,5% и понатаму ќе продолжат да растат.

„Во јануари 2017 просечната плата во овој сектор изнесувала 16.730 денари, а истиот месец оваа година 18.829 денари. Тоа е покачување за 2.099 денари. Намалените трошоци и поголемите приходи значително го менуваат стандардот и го покачуваат квалитетот на животот на земјоделските работници и на земјоделците. Владата цврсто ќе биде насочена кон развој на овој сектор, земјоделците да живеат подостоинствен живот, да им овозможиме на младите да останат во земјава и да се занимаваат со овој сектор кој што е особено значаен, кој значително учествува во бруто домашниот производ и може да ја раздвижи економијата“, изјави Николовски.

 

На новинарско прашање за исплата на обештетувањата за 2017 година, министерот Николовски посочи дека во вторник на седница, Владата ќе донесе одлука за износот на процентот на обештетување и веднаш потоа ќе биде реализирана исплатата. При тоа појасни дека паралелно се работи на цел систем за заштита од климатските промени како и на нов концепт за зголемување на осигурувањето на земјоделското производство.

На новинарско прашање што ќе направи Владата за задржување на младите во земјоделството, Министерот Николовски, потенцираше дека веќе се релизираат мерки кои се во интерес на младите, како што е мерката за поддршка од неповратни 10.000 евра за млади земјоделци, за која имаше огромен интерес.

 

„Ако претходно од 1.600 апликанти беа склучени договори со околу 100 апликанти, на последниот оглас имаше 624 апликанти, поддржавме 424 апликанти и тоа се 4,5 милиони евра повеќе пари кои отидоа за оваа мерка и веќе овие проекти ќе започнат да заживуваат. Во годинашната програма исто така ја има оваа мерка, но ќе имаме и поддршка за формализирање на нивната дејност. Поддршката доаѓа преку отворање на ИПАРД фондовите, ќе ја донесеме и мерката за ослободување од плаќање на концесија за млади до 35 години. Македонија има големи потенцијали за развој на земјоделството кои треба да се стават во функција. Убеден сум дека тогаш и младите ќе бидат заинтересирани да останат во земјоделството.Ако направиме поевтино земјоделско производство ако остануваат повеќе пари кај земјоделците верувам дека и младите ќе бидат заинтересирани. Ме радува што се повеќе млади луѓе се заинтересирани и прашуваат за слободно земјиште, и ние ќе направиме се за да им овозможиме услови, да ги вклучиме за да останат во земјава.“, посочи Николовски

 

На трибината присуствуваше и директорот на Платежната агенција, Николче Бабовски кои ги информираше земјоделците за исплатата на субвенциите како и за ИПАРД Програмата. Земјоделците се интересираа за новите мерки за субвенции, наводнувањето, распределба на земјиште, пласман на земјоделските производи.

 

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *