Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска имаше средба со Амбасадорот на Шпанија во Република Македонија, Емилијо Лорензо Сера.
-Во земјоделството се воспоставени важни области за соработка, преку тековните проекти за наводнување, поддршка на реформите во потсекторот за тутун, стручни обуки за вработените во МЗШВ, а следен чекор треба да биде направен во насока на промоција на македонските земјоделско-прехранбени производи на шпанскиот пазар, на кој нема сомнеж, ќе бидат одлично прифатени и за нив ќе има голем интерес, истакна Николовски.
Министерот посочи дека особено за виното, за кое и покрај големата конкуренција на вина со потекло од Шпанија, овој пазар ќе биде отворен затоа што македонските вина се карактеризираат со врвен квлитет, потоа, ајварот, лутеницата, останатите преработки од зеленчук и други традиционални производи.
Амбасадорот Лорензо Сера, во име на Владата на Шпанија, уште еднаш побара поддршка од Владата на Република Македонија, за кандидатурата на г-дин Пау Рока, за генерален директор на Меѓународната организација за вино ОИВ на претстојното повторно гласање на Собранието на оваа меѓународна организација, закажано за 19 ти септември, во Париз, Франција.
Билјана Петровиќ за Современо Земјоделство