Од 28 декември па се до 11 февруари сите кои сакаат да аплицираат за добивање на средства од ИПАРД 2 Програмата, ќе можат да доставуваат барања за реализација на инвестиции преку мерката 3 „Инвестиции во материјални средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи“.
Со овој јавен повик им се овозможува на фирмите и на земјоделските задруги да инвестираат во отворање на преработувачки капацитети и опрема, при што 50 отсто од инвестицијата ќе им биде кофинансирана, односно финансиските средства по поединечно барање се доделуваат како неповратна финансиска поддршка.
„Рокот за аплицирање почна од саботата, 28 декември и ќе трае до 11- ти февруари. Вкупно на располагање на овој јавен повик се ставени 13.3 милиони евра. Со ова Владата, Министерството и Агенцијата, уште еднаш потврдуваме дека силно сме фокусирани кон развој и унапредување на преработувачките капацитети во агро секторот. На овој начин и преку овие мерки нудиме можност за развој на домашните земјоделски стопанства и агро компаниите. Преку осовременување на постоечките и отворање на нови производни капацитети очекуваме да постигнеме зголемено производство, пласман на домашните преработки и девизен прилив од извозот на домашните производи.“, изјави директорот на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, – истакна директорот на АФПЗРР, Николче Бабовски.
Оваа мерка се однесува на инвестиции во преработувачки капацитети за: млеко и млечни производи, месо и производи од месо вклучително јајца и живина, овошје и зеленчук, житарици, мелнички продукти и скроб, растителни производи и маснотии од животни, шира, вино и оцет.
Потребните обрасци од „Барањето за користење на средства од ИПАРД Програмата 2014-2020“ како и„Упатство за корисници на средства од ИПАРД Програмата 2014-2020“ во кој се содржани сите информации за критериумите, условите за прифатливост на проектите и условите за финансирање и останати информации кои се неопходни за изготвување на барање за користење на средства од ИПАРД Програмата 2014-2020, Упатство за изготвување на Деловен План и останати корисни информации во електронска верзија може да се превземат на веб-адресата на Агенцијата: www.ipardpa.gov.mk.
Печатените обрасци од барањето за користење на средства од ИПАРД Програмата 2014-2020 и Упатство за корисници на средства од ИПАРД Програмата 2014-2020 за може да се подигнат директно во Агенцијата на адреса:Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, бул. 3-та Македонска бригада бр.20, (згр. Македонија Табак блок Ц), 1000 Скопје и во најблиските регионални центри или работни единици на Агенцијата за поттикнување на развој во земјоделството секој работен ден од 8:30 до 16:30 часот.