Објавен огласот за градежни работи за изградба на постројка за пречистување на вода за пиење во општина Карбинци

Вести

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство го објави огласот за јавна набавка за изведување на градежни работи за изградба на постројка за пречистување на вода за пиење во општина Карбинци преку хидросистемот Злетовица. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски денеска заедно со градоначалникот на општина Карбинци Јордан Насев и директорот на Управата за водостопанство Славе Арсовски ја посетија локацијата кадешто ќе се гради постројката. Димковски посочи дека со приклучување на општина Карбинци на водоснабдување со сирова вода преку хидросистем Злетовица, трајно ќе се обезбеди решавање на долгогодишниот проблем  со водоснабдувањето, особено во летниот период, бидејќи досега населението од оваа општина се снабдуваше со вода за пиење преку локални бунари.

„Повеќенаменскиот хидросистем Злетовица е од витално значење и се состои од повеќе заеднички и посебни објекти за водоснабдување, наводнување и енергетика. Основна намена на ХС Злетовица е обезбедување со вода за пиење на околу 100.000 жители во регионот и тоа од пет општини:  Пробиштип, Штип, Свети Николе, Лозово и Карбинци. Во овој момент со сирова вода од ХС Злетовица се снабдуваат само две општини Пробиштип и Свети Николе, но, наскоро ќе се приклучи и општина Карбинци бидејќи е прва општина која ја заврши постапката за изработка на комплетната техничка документација и затоа е и прва општина која ќе ги користи финансиските средства предвидени со Акциониот план за изградба на Филтер станица со капацитет од 30-40 литри/секунда“, изјави Димковски.

До овој момент, до локацијата на новата филтер станица изградена е излезна шахта на полиестерскиот цевковод DN300 со капацитет на проток на вода до 40 l/s, доведен е оптички кабел за комуникација со главниот SCADA центар во Пробиштип и изграден е далековод со кој се обезбедува електрична енергија за потребите на опремата од ХС Злетовица и пречистителната станица.

Обезбедувањето на квалитетни услови за живот меѓу кои најважно е обезбедувањето на чиста вода за пиење во секоја општина, е врвен приоритет на Владата на Република Северна Македонија. Со реализацијата на повеќенаменскиот проект за ХС Злетовица, ќе се обезбеди чиста вода за пиење за жителите од овој регион.

Димковски посочи дека со измените на Законот за земјоделство и рурален развој се зголемува неповратната финансиска поддршка за младите земјоделци до 40 години од 10.000 на 20.000 евра.

Собранието ги изгласа измените на Закон за земјоделство и рурален развој со коишто се предвидуваат поволности за младите земјоделци и за корисниците на мерките од ИПАРД програмата.

Со дел од измените на Законот за земјоделство и рурален развој, се овозможува да се направи исплата на дел од лозарите коишто што имаа побарувања од винарските визби Повардарие и Стефани. Станува збор за околу 600 лозари, кои не беа опфатени во претходната исплата на долгот што овие винарници го имаа кон лозарите а којшто го исплати Владата на Република Северна Македонија.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *