Отпочнување на градежните активности на системот за наводнување во Равен – Речица

Вести

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, претседателот на ДУИ, Али Ахмети и градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, денеска присуствуваше на отпочнувањето на градежните активности на системот за наводнување во Равен – Речица, тетовско.

Во своето обраќање пред присутните премиерот Заев истакна дека развојот на одржлива локална заедница е клучот за развојот на одржлива држава, за одржлив економски систем, и понатаму за одржлив раст и развој, почнувајќи со локалните средини кои се клучен фактор во развојот на Државата.

Помагањето на локалните заедници, во време кога им е најпотребно, е нешто за што оваа Влада што ја предводам, има слух и волја да го направи животот на секој граѓанин подобар, преку унапредување на условите за живот и работа. Развојот на одржлива локална заедница е клучот за развојот на одржлива држава, за одржлив економски систем, и понатаму за одржлив раст и развој, почнувајќи со локалните средини кои се клучен фактор во развојот на Државата“, рече премиерот Заев.

Тој исто така појасни дека реализацијата на овој капитален проект, кој изнесува околу 975 милиони денари, ќе се финансира со средства од Буџетот на Република Македонија, преку Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој.

Министерот Николовски пак, пред присутните се обрати со зборовите дека, со изградбата на системот за наводнување Равен – Речица, ќе се реши наводнувањето под Шарскиот регион.

„Ќе овозможиме овој регион да нема проблеми со производството на надалеку познатите тетовски грав и пченка, но и успешни реколти на други култури кои се садат во овој регион. Во овој период кога како Влада сме силно фокусирани на забрзување на евроинтеграцискиот процес, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, посветено работи на усогласување на нашето земјоделство со европските регулативи. А во целиот процес, наводнувањето на земјоделските површини има клучна улога. Затоа како ресорно министерство интензивно работиме на реализација и на други крупни капитални инвестиции во водостопанството, со крајна цел да ги зголемиме наводнуваните површини“, рече министерот Николовски.

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, пред присутните рече дека со вакви капитални дела им се служи на генерациите кои доаѓаат после нас.

„Посакувам полошкиот регион кој пред 30-тина години беше конкурентен на целокупниот балкански полуостров со своите квалитетни производи, со ова витално дело да си го врати тоа заслужен место“, рече Ахмети.

Теута Арифи, градоначалничка на Тетово, за отпочнувањето на овој капитален зафат за полошкиот регион, рече дека еден од најголемите проблеми за кои земјоделците од регионот реагирале и барале да се интервенира, е токму средување на овој хидросистем, што ќе влијае директно на цените на земјоделското производство.

“Токму европската практична димензија е многу поврзана со денешниот проект, затоа што токму поглавјето за земјоделие во процесот на преговори со ЕУ е еден од најчувствителните, особено за земји како нашата, која е апсолутно заинтересирана да има високо квалитетна и стандардизирана продукција“, рече Арифи.

Од оваа акумулација, која опфаќа површина од 3920 хектари, ќе се наводнува земјоделската површина која се протега од десната – горната страна на автопатот Тетово – Гостивар до подножјето на Шар Планина. Покрај оваа земјоделска површина, со овој систем за наводнување ќе се опфати и дополнителна нето површина која се наоѓа под автопатот Тетово – Гостивар, и ќе се наводнуваат 3300 хектари земјоделска површина во општините Гостивар, Врапчиште, Боговиње и Тетово.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *