Земјоделците очекуваат од 30 до 40 отсто зголемени приноси со „капка по капка“

Вести

Со мерката инвестиции во подземни системи за наводнување „капка по капка“, која е дел од Програмата за рурален развој 2018 година, предвидени се вкупно 20 милиони денари, кои ќе им се враќаат на земјоделците по реализација на инвестицијатa.

Од 30 до 40 отсто зголемени приноси, поголема апсорпција на ѓубрива, пониски трошоци и поконкурентно производство ќе добијат 43 земјоделци кои аплицирале за инвестиции во подземни системи за наводнување „капка по капка“. Со оваа мерка, која е дел од Програмата за рурален развој 2018, предвидени се вкупно 20 милиони денари кои ќе им се враќаат на земјоделците по реализација на инвестицијата. Кофинансирањето ќе изнесува од 50 до 75 отсто.

– Со оваа мерка овозможуваме кофинансирање на трошоците за набавка на различна опрема потребна за инсталирање на системите капка по капка, приклучна механизација, како и услуги за изведување на градежните работи, инсталирање на опремата и изработка на техничка документација, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

Според него, наводнувањето е еден од главните услови за зголемено и поконкурентно земјоделското производство, а на оние земјоделци кои инсталирале вакви системи за наводнување ќе им се олесни производството и ќе им се зголемат приносите.
Директорот на Платежната агенција, Николче Бабовски, појасни дека кофинансирањето на инвестицијата се зголемува до 55 отсто кога носител на инвестицијата е млад земјоделец, 65 отсто за инвестиции во подрачја со ограничени можности за земјоделско производство, 65 отсто во вакви подрачја каде носител е млад земјоделец и 75 отсто во недостапни рурални средини. Исплатените средства се неповрати, а инвеститорот не смее да ја отуѓи инвестицијата во наредните 5 години.

Максималната сума која може да се добие за системот капка по капка изнесува 1,8 милиони денари, а за инвестиции во бунари максималната сума изнесува 364 илјади денари.
Земјоделците кои во МЗШВ вчера ги потпишаа првите договори за инвестиции во подземни системи за наводнување „капка по капка“ очекуваат поголем принос, намалени трошоци, подобар квалитет и минимум загадување.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *