Почна мониторингот на дива коза во НП „Галичица“, првично регистрирана една единка

Вести

Два тима на Националниот парк „Галичица“ и Македонското еколошко друштво реализираа активност за следење на диви кози (Rupicapra rupicapra balcanica) на територија на националниот парк. Климент Нанев, соработник за живеалишта и видови во НП „Галичица“, информира дека на теренските активности биле воспоставени трансекти, точки за набљудување, но и дека била забележана само една дива коза, мажјак.

– Два тима отидовме кај што се живеалиштата со соодветна опрема, телескопи, двогледи… Забележавме само една дива коза. Тоа е мажјак кој е дел од некое стадо, но најверојатно е одделен. Баравме стадо, но теренот е тежок, треба поголема посветеност и одење повеќе пати, изјави Нанев за МИА.

Според неговите информации од случајни набљудувачи и локално население, на територија на НП „Галичица“, во повеќе наврати биле забележани диви кози како се движат во стадо.

– Ова е пробна активност, воспоставени се трансекти, во наредниот период ќе ја повториме активноста, вели Нанев.

Обид за мониторинг на дивата коза на „Галичица“ имало во 2010 година, но поради тешкотиите на теренот, активноста била прекината. Сега, тимовите добро подготвени и теоретски запознаени со карактеристиките на овој вид и начинот на живеење преку презентации и канцелариска работа, ќе продолжат да ги набљудуваат и да дојдат до конкретни заклучоци и приближни бројки.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *