Поттикнувањето на жените и девојчињата е клучно за да се обезбеди одржливост и сигурност на храната после КОВИД-19, велат шефовите на Агенциите за храна на ООН

Вести

Гладот ќе остане проблем и ќе има нееднакво опоравување од влијанијата на пандемијата КОВИД-19, се додека повеќе жени во руралните и урбаните средини не заземат лидерски позиции со зголемена моќ за донесување одлуки, велат шефовите на трите Агенциите за храна на Обединетите нации во пресрет на нивниот заеднички настан за Меѓународниот ден на жената на 8 март 2021 година.

Настанот ко-организиран од Организацијата на Обединетите нации за храна и земјоделство (ФАО), Меѓународниот фонд за развој на земјоделството (IFAD) и Светската програма за храна (WFP), ќе го насочи глобалното внимание кон виталната улога што поттикнатите жени земјоделки, претприемачи и лидери треба да ја имаат за жените да можат да придонесат кон еднакви услови за закрепнување од пандемијата КОВИД-19 и создавање можности за елиминирање на сиромаштијата, подобрување на продуктивноста и подобрување на сигурноста на храната и исхраната.

 

„Светот е дом на повеќе од 1,1 милијарда девојчиња на возраст под 18 години, кои имаат потенцијал да станат најголемата генерација жени лидери, претприемачи и креатори на промени за подобра иднина. Сепак, жените и девојчињата продолжуваат да се соочуваат со постојани структурни ограничувања што ги спречуваат целосно да го развиваат својот потенцијал и ги попречуваат нивните напори за подобрување на нивните животи, како и нивните домаќинства и заедници “, вели генералниот директор на ФАО, КУ Донгју. „Жените и девојчињата можат да играат клучна улога во справување со последиците од пандемијата КОВИД-19 и особено во трансформацијата на нашите земјоделско-прехранбени системи. Сите треба да работиме заедно да овозможиме јакнење на жените и девојчињата, особено оние во руралните области“, додава тој.

 

„Од суштинско значење е жените не само да бидат на повеќе лидерски позиции, туку и да бидат консултирани, сослушани и интегрирани во сите сфери и фази на одговорот на пандемијата и закрепнувањето од истата“, вели Гилберт Ф. Хунгбо, претседател на ИФАД. „Инвестирањето во водството на руралните жени и нивно поголемо вклучување во создавањето на нашата иднина по КОВИД-19 е од клучно значење за да се земат предвид нивните перспективи и потреби, со што ќе можеме да изградиме подобри системи за храна со еднаков пристап до хранлива храна и пристојна егзистенција”.

„Жените и девојчињата чинат половина од нашата глобална заедница и време е ова да се рефлектира во лидерските позиции на секое ниво“, вели Дејвид Бисли, извршен директор на WFP. „Од нашата работа ширум светот знаеме дека кога жените и девојчињата имаат подобар пристап до информации, ресурси и економски можности и се слободни да донесуваат одлуки, стапките на глад паѓаат и исхраната се подобрува не само за нив, туку и за нивните семејства, заедници и држави “.

 

Раководството на жените е особено важно во руралните области на земјите во развој, каде што гласовите на 1,7 милијарди жени и девојки кои живеат таму често се занемаруваат. Шеесет проценти од жените во Јужна Азија и субсахарска Африка работат во земјоделство – сепак тие имаат помалку пристап до ресурси и услуги отколку мажите, вклучително земјиште, финансии, знаење, суровини и опрема. Покрај нивната земјоделска дејност, жените се преоптоварени со домашни работи и се грижат за своите семејства – улога која се зголеми за време на пандемијата КОВИД-19. Во исто време, жените се повеќе погодени од социјалните и економските влијанија на пандемијата КОВИД-19, вклучително загуба на егзистенција и намалени лични примања.

 

Обезбедување еднакво право на глас за жените не е прашање само на родова еднаквост. Жените лидери можат да се залагаат жените да имаат подобар пристап и контрола над средствата за работа и сировините, што ќе влијае на зголемување на нивната продуктивност и приходи, поголема сигурност на храната и зголемување на нивните можности за вработување и лични примања.

 

Истражувањата покажуваат дека доколку жените земјоделки би имале еднаков пристап до продуктивни ресурси како мажите, тие би можеле да ги зголемат приносите за 20 до 30 проценти и вкупното земјоделско производство за 2,5 до 4 проценти, со што ќе помогнат 100 до 150 милиони луѓе да се спасат од глад.

 

ФАО работи на зајакнување на ангажманот и лидерството на руралните жени во земјоделско-прехранбените системи. Во соработка со организациите на земјоделци, ФАО помага да се осигура дека се слуша гласот на руралните жени и промовира родово-трансформативни пристапи со кои ќе се елиминираат нефер социо-културните норми во руралните заедници. Покрај тоа, ФАО ги поддржува владите да усвојат политики и стратегии за решавање на потребите и аспирациите на руралните жени и девојки, овозможувајќи им да учествуваат во донесувањето одлуки и да заземаат лидерски позиции. Ова исто така подразбира зајакнување на лидерските вештини и самодоверба на жените и подигнување на родовата свест во рамките на националните и локалните институции. Во рамките на Организацијата, ФАО воспостави Комитет на жените кој обезбедува инклузивен, безбеден простор што ја рефлектира разновидната и енергична природа на женската работна сила на ФАО. Организацијата, исто така, стимулира кариерен напредок на жените вработени и за постигнување родов паритет на сите нивоа и во сите категории на работни места.

 

Од 2009 година, IFAD спроведува пристап т.н „методологии на домаќинства“ кој има за цел да ја зајакне улогата и капацитетот на жените во донесување одлуки во домаќинствата, групите и заедниците. Примената на пристапот покажа дека жените кои учествуваат во програмата заземаат лидерски улоги во нивните организации и заедници и имаат поголем глас во донесувањето одлуки во нивните домаќинства, што доведе до поголема земјоделска продуктивност.

 

Сигурноста на храната и родовата нееднаквост се тесно поврзани со недостатоците кои започнуваат од најмала возраст. Во многу земји, момчињата и девојчињата имаат многу различно детство. Работата на WFP за постигнување на родова еднаквост започнува во училиштата каде што преку програмите за училишна исхрана во повеќе од 70 земји се поттикнува зголемено присуство на девојчиња во училиште. Ова обезбедува поголем пристап до образование, го намалува ризикот од детски бракови и други форми на родово-насилство и ги зголемува можностите за егзистенција и лидерство за девојчињата во иднина.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *