Водите на Преспанско Езеро, од албанска страна, кај Пустец, збогатени се со 300.000 парчиња подмладок на крап.

Порибувањето е дел од зацртаните активности на албанското Министертвото за земјоделство и рурален развој за збогатување на рибниот фонд во езерата.
– Во водите на Преспанско Езеро фрливме околу 300.000 парчиња помладок на крап,што е специфичен вид во водите на ова езеро. Овој подмладок е подготвен во мрестилиштето што го имаме овде. Подмладокот на крап беше со поголема тежина бидејќи има потреба да биде пооформен. Верувам дека со оваа количина значително го збогативме рибниот фонд во езерото- изјави минстерот за земјоделство и рирален развој, Бленди Чучи.
Тој ги пофали членовите на риболовното друштво од Пустец за доследната грижа за заштита на рибниот фонд на езерото.
– Преспанското Езеро е успешен пример на управување од страна на риболовното друштво. Речиси и да нема незаконски лов на риба- рече Чучи.
На почетокот на месецов водите на Охридско Езеро, од албанска страна, кај селото Лин, општина Подградец, беа збогатени со 1,5 милиони парчиња подмладок на охридска пастрмка.