Само 15 до 20 компании во Македонија го применуваат стандардот за безбедност на храната

Вести Совети

Стандардот ИСО 22000:2005,  кој е прв меѓународен стандард што ја третира безбедноста на храната и кој во многу европски земји го има заземено местото на ХАСАП стандардот кај нас, го имаат имплементирано само 15 до 20 компании.

Во Македонија се зголемува примената на стандарди. Анализата на ИСО за 2017 година покажува дека нашата земја е ставена во првите 10 земји со растечки број на применливи и сертифицирани стандарди. Што се однесува до стандардот ИСО 22000:2005,  кој е прв меѓународен стандард што ја третира безбедноста на храната и кој во многу европски земји го има заземено местото на ХАСАП стандардот кај нас го имаат имплементирано само 15 до 20 компании. Овој стандард беше ревидиран во 2008 година во ИСО 22000:2018, што овозможи негова интеграција со останатите меѓународни стандарди.

-Стандардот ИСО 22000:2018 е стандард кој може да се користи од страна на сите учесници во синџирот на снабдување со храна и е познат како „од нива до трпеза“, а ги вклучува и добавувачите на прехранбени производи и услуги. Целта на стандардот е да се усогласат на глобално ниво барањата за безбедност на храната во прехранбената индустрија и индустриите поврзани со неа, истакна Емилија Тодоровска од Комората.

Според неа, овој стандард дава можност за поголема ефикасност, ефективност и континуирано подобрување на компанијата во нејзиното работење. Поради тоа, како што вели таа македонските компании треба да се фокусираат на што поголема примена на меѓународните стандарди.

И покрај тоа што примената на овој стандард не е задолжителна, сепак е пожелна не само за извозно ориентираните компании туку и за сите компании во прехранбената индустрија.

Примената на стандардите во бизнис-процесите, независно од која и да е дејност, нивно одржување и подобрување треба да биде приоритет на секоја компанија. Тие ја зголемуваат довербата на корисниците кон нивните производи и услуги и придонесуваат за поголема конкурентност и транспарентност на пазарот, вели Тодоровска.

Компанијата „Витаминка„, го има имплементирано стандардот ИСО 22000:2005. Како што велат од компанијата овој стандард придонел до поголема продажба на нивниот најнов производ маслото за јадење „Брилијант„.

-Примената на овој стандард гарантира квалитетен и безбеден производ и истиот може да придонесе до поголема конкуренција и зголемена продажба на компанијата на глобално ниво, велат од „Витаминка“.

Податоците на Светската здравствена организација покажуваат дека небезбедна храна  предизвикува бројни заболувања, а секоја година поради незбезбедна храна во светот се хоспитализираат 128 илади луѓе и има 3.000 смртни случаи. Се проценува дека болестите кои се пренесуваат преку храна и вода заедно убиваат околу 2,2 милиони луѓе годишно од кои 1,9 милиони деца.

 

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *