Мал број од фармите со молзни грла ги исполнуваат условите за прва категорија. Ова го покажуваат досегашните резултати од процесот за категоризација на фармите кој го спроведува Агенцијата за храна и ветеринарство. Од вкупно регистрираните 4670 фарми, до први декември годинава официјалните ветеринари посетиле повеќе од половина или 2874 евидентирани одгледувалишта. Најголемиот дел од нив се категоризирани во втора категорија.
-3% се категоризирани како прва категорија, околу 70% се втора категорија и останатите 26% се трета категорија. Активноста е планирано да заврши до крајот на 2020 година, а целта е да се обезбеди прва класа на хигиена на млеко или тоа е според европските стандарди 100 спрема 400, т.е. 100 000 соматски клетки и 400 000 микроорганизми, вели Зоран Атанасов – Директор на АХВ.
Досегашните контроли на терен утврдиле дека констатираните недоследности може брзо и лесно да се надминат , а фармите од втора да преминат во прва категорија.
-Оние 70% кои што се втора категоризација им недостасува многу малку за да прејдат во прва категорија. Да речеме хигиена на гумичките на молзните апарати, средствата што се употребуваат несоодветни, не одмастуваат и така банални причини кои што придонесуваат хигиената да биде пониска, вели Атанасов.
Одгледувалиштата чие млеко заклучно со 2020 година нема да ги исполни соодветните критериуми и барања за квалитет, млекото ќе може да го преработуваат во тврди преработки.