Малините – одличен агро бизнис

Вести Овоштарство Совети

Со инвестиција од 5.000 евра за еден хектар малини, од првата берба може да се заработат 14.000 евра.

Дали знаете дека во Македонија се одгледуваат најблагите малини во Европа? Дали знаете дека тие што ја пробале малината од Полог повторно ја бараат? Дали знаете колку може да се заработи со одгледување малини на само еден хектар земјиште? Овие прашања за „Иновативност“ ги одговори Синиша Стефановски, сопственик на „LK Raspberry” од Тетово која во село Јанчиште има плантажи со малини и ладилник за нивно брзо смрзнување.

На плантажата на Синиша Стефановски во село Јанчиште во Полог неделава во полн ек се земјоделските работи. Трите хектари земјиште посадени со малини се заоруваат пред стартот на пролетните земјоделски активности. Синиша со задоволство ни ги покажува своите насади, од кои во јуни очекува да набере 50 тони малини. Освен овие 50 тони кои ќе влезат во ладилникот за шок замрзнување кој е лоциран веднаш до плантажите, „LK Raspberry” ќе прими уште најмалку 100 тони малини од своите кооперанти.

Како резултат на зголемениот број кооперанти и новопосадени површини со малини, веќе следната година овие количини ќе пораснат на 250 тони. „LK Raspberry” мината година имаше девет кооперанти, годинава 17, а следната година 24 кооперанти кои ќе берат малини од насадите кои биле засадени минатата есен.

„Со нашите кооперантите функционираме како земјоделска задруга. Цената на откуп на малините е транспарентна за сите и најчесто се врши по берзанска цена. Лани берзанската цена на малините изнесуваше од 60-80 евроценти за килограм. Поради високиот квалитет ние постигнавме подобра извозна цена и затоа кооперантите добија 90 евроценти за килограм. Сакаме кооперантите секогаш да се задоволни. Мојата крајна цел е преку овој бизнис модел да ги задржиме младите во овој регион. Одгледувањето малини е одличен извор на финансии“, објаснува Стефановски.

Колку може да се заработи од производство на малини?

За еден хектар (10.000 квадратни метри) насад со малина, почетната инвестиција до пред една година изнесуваше околу 1,80 евра за еден квадратен метар. Сега таа инвестиција падна на само едно еврo затоа што потпишавме меморандум за соработка со Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем, кој го донира системот капка по капка, а ние како производител на садниците драстично ја намаливме цената на садниците. Со тоа на кооперантите им ја олеснивме почетната инвестиција. Станува збор за инвестиција од околу 10.000 евра за еден хектар која всушност е двојно помала затоа што може да се искористи државна субвенција за подигнување нови овошни насади која е 50% од инвестицијата. Toa значи дека реалното вложување чини 5.000 евра. Од првата берба која е година и половина од садењето на малините, ако се одгледува како што треба, ќе има род од околу 20 тони. Тие 20.000 килограми ако се продадат по цена од едно евро, колку што беше ланската цена, изнесува 20.000 евра. Од оваа сума околу 6.000 евра се за берачите, а останатите 14.000 евра се чиста заработка затоа што државата го субвенционира и одржување на самите насади. Она што е многу важнo е дека кооперантите кои имаат договор so „LK Raspberry” имаат загарантиран откуп на родот.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *