Стартува кампања за договорно производство на сончоглед

Вести

Македонија има традиција во производството на сончоглед. За жал изминативе неколку години површините под оваа култура значително се намалија поради незаинтересираноста на земјоделците која се должи на ниската откупна цена и неисплатливоста на производството.

Од неодамна се појави иницијатива од страна на директорот на Комбинатот „Благој Ѓорев“- Велес, Горанчо Лазов,  за зголемување на површините под сончоглед преку договорно производство со што земјоделците ќе добиваат регрес семе и други репроматеријали, а ќе имаат и загарантиран откуп. За таа цел во Владата на РМ се одржа состанок на кој беа присутни земјоделци, експерти и претставници од институциите во земјоделскиот сектор.

-Комбинатот „Благој Ѓорев“ има капацитет за преработка на 40.000 тони сончоглед, а моментално откупуваме само 2000 тони од домашно производство. Останатото го увезувам од Бугарија за што се одлеваат девизи од државата. Токму затоа иницирам кооперантски односи со земјоделските производители во квалитетно семе, репроматеријали, а го гарантирам и откупот по пазарни цени“, изјави  директорот на „Благој Ѓорев“, Лазов.

soncogled2

„Идејата за договорното производство е одлична и ја поддржуваме. Ова е можност да ја замениме пченицата со сончоглед доколку имаме сигурен пласман. Но потребна ни е и зелена нафта и зголемување на субвенциите како мотив плус за да се префрлиме со производство на оваа култура. Но особено ни е важна поддршката на Владата и МЗШВ во овој процес заради сигурноста дека ќе се почитуваат договорите“ посочуваат земјоделците

„Враќањето на сончогледот на македонските ниви е многу важен процес кој ќе придонесе во решавање на проблемот со пласманот на пченицата, обработување на напуштени земјоделски површини како и намалување на трговскиот дефицит преку намален увоз на суров сончоглед за преработка но и увоз на сурово масло кое понатаму преработувачките капацитети во државата ќе можат да го набавуваат од домашно производство. Како влада стоиме до земјоделците и агробизнисмените во сигурноста што значи почитување на договорите и навремена исплата на родот“, рече Ленче Николовска, посебен советник за земјоделство, шумарство и водостопанство на Претседателот на Владата на Република Македонија.

Веднаш после средбата во Влада се формираше работна група која ќе го следи целиот процес, од склучување на договорите до откуп. На терен ќе функционира советодавна служба од АПРЗ, а ќе се користат и странски експертски искуства, се со цел да се добие повисок и поквалитетен род.

Со оглед на тоа дека сончогледот е пролетна култура, се сее во март месец, а интересот е голем кај земјоделците во периодот што следи ќе има кампања за што поголемо информирање на земјоделските производители во март месец да се засеат поголеми површини од моменталните 2000 ха“.

Кампањата започнува на 5.12.2018 год. во 17 часот во Општина Могила. На трибината ќе се разговара и дебатира за сите прашања и информации кои се потребни за развој на договорното производство на сончоглед.

Кампања за Договорно производство на сончоглед, во организација на Канцеларија на Претседател на Влада на Република Македонија и Министерство за зeмјоделство, шумарство и водостопанство.

На средбата ќе се разговара за начинот, условите и можностите кои ги нуди откупувачот и сите чинители во овој процес.
Сите потребни информации, сугестии и размислувања ќе се дебатираат со работната група која ќе го следи целиот процес, од склучување на договорите до откуп.

Работната група ја сочинуваат:

1. Ленче Николовска, посебен советник за земјоделство, шумарство и водостопанство на Претседателот на Владата на Република Македонија;

2. Никола Бабоски , директор во Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој;

3. Благој Индов, директор на Државен инспекторат за земјоделство;

4. Авдуљ Селам-Селами, заменик директор во Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој;

5. Јулијана, претставник на МЗШВ;

6. Горанчо Лазов, директор на АД “Благој Ѓорев” – Велес;

7. Митат Имсаиловски, земјоделски производител – Будаково;

8. Никола Ѓероски, земјоделски производител;

9. Александар Стојанов, земјоделски производител;

10. Проф.Златко Арсов, Факултет за земјоделски науки и храна;

11. Ангела Геровска Ѓуровска, советник за органско поризводство и воведување на нови технологии при ѓубрење.

Ги повикуваме сите заинтересирани земјоделци да бидат дел од едукативната кампања, со свои сугестии во интерес на поголем развој на договорното производство како најдобро решение за сигурен пласман на производите.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *