Штетите на грозјето и праските во Росоман од градот се од 20 до 100 проценти

Вести

Врнежите од град кои паднаа неодамна во Росоманско направија сериозни штети врз насадите со праски и лозја, а оштетувања има и кај градинарските култури.

Штетите се големи и се движат од 20 до 100 проценти, кај лозјата и овошките а степенот на оштетувањето зависи од нивната местоположба – информира Драганчо Николов, советник во ПЕ на АПРЗ во Кавадарци. Од невремето најмногу се погодени земјоделските култури во атарите на росоманските села Камен Дол, Дебриште, Манастирец и Сирково.

Според податоците од стручните служби, градот оштетил околу 50 ха лозов насад и над 30 ха праски. Насадите од праски кои беа погодени од градот, според земјоделските стручњаци ќе имаат послаб и понеквалитетен род а проблем ќе има и да се остават родни и здрави гранки за следната реколта. Поради ваквите состојби постојано се апелира до земјоделците за поставување на заштитни мрежи или осигурување на родот.

Актуелните состојби укажуваат на тоа дека субвенционирањето на 60% од полисата за земјоделското осигурување, не успеваат се’ уште во доволна мера да ја подигнат свеста кај земјоделците да го осигураат своето производство. И покрај штетите кои се јавуваат години наназад  од студ, мраз, град, поплави и од невреме, сепак земјоделците имаат многу слаб интерес да го осигураат нивното примарно производство. Статистиките покажуваат дека кај нас дури секој 25 ти земјоделец се решава да ги осигура земјоделските посеви што е зачудувачки за една аграрна земја како што сме ние.

Процедурата за ова е едноставна и без посебни ограничувања. Најпрво земјоделецот поднесува барање во Подрачната единица на Министерството за земјоделство  и врз основа на тоа му се издава потврда. Потоа истата ја доставува до осигурителната компанија која е по сопствен избор без ограничувања и се склучува полиса при што барателот се задолжува со 40 отсто од вредноста на полисата а за останатите 60 отсто се задолжува Агенцијата. Исто така и употребата на заштитни мрежи од град и сонце дава најдобри резултати за намалување на штетите во земјоделството, но сепак земјоделците многу малку ги користат, иако имаат можност преку ИПАРД-програмата да добијат средства за таа намена.

Моментно Тиквешкиот регион располага со 12 илјади ха лозови насади и 3000 ха праски, Росоман важи за најголем производител на праски во земјава, а на него отпаѓа и еден процент од светското производство.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *